Рубрика: Роботика
Софистицирано отворање за тегли и шишиња?!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.12.2019 - 12:30

Новите сознанија, добиени од истражувањата на интеракцијата меѓу луѓето и вештачката интелигенција (ВИ), укажуваат дека довербата на луѓето во безбедно извршување на задачите од страна на ВИ расте ако таа ги објаснува постапките што ги спроведува.

Во таа насока научниците создадоа нов ВИ систем, кој освен што е способен за извршување сложени задачи, тој истовремено, во реално време го објаснува неговото однесување. Истражувањето објавено оваа недела во Science Robotics укажува дека ваквиот режим на работа на ВИ системите ја поттикнува довербата меѓу луѓето и ВИ. Марк Едмондс од УКЛА, којшто е и водечки автор на научниот труд, сфатил дека заедничка особина на луѓето како социјални битија е способноста да дадат разбирливи објаснувања за нивното однесување. Овие објаснувања го поттикнуваат меѓусебното разбирање, што ја продлабочува довербата помеѓу единките и овозможува понатамошна заедничка соработка. Но, сè до денес, повеќето роботи и ВИ системи немаа можност да дознаат што учат и да го објаснат тоа што го работат,, поради што човечкиот ум станува недоверлив кон нив. За да ја промени оваа состојба, Едмондс спроведе истражување чијашто цел е да го пронајде најдобриот начин за градење доверба меѓу луѓето и ВИ.

Тој и неговите колеги создале робот со вградена ВИ. На роботот потоа му била зададена задачата да отвора шишенца со лекови и притоа да го објасни методот што го користи. Роботот, односно ВИ системот, не само што покажал способност да учи од човечките демонстратори туку успеал да отвори и нови шишенца што користеле винтови и капачиња со коишто роботот за првпат се среќавал.

На роботот му била зададена задача да ја имитира положбата на човечката рака и да употреби сила еквивалентна на човечката. Како тренинг метода за роботот биле направени вкупно 64 човечки демонстрации на отворање на три шишенца со различни видови системи на навои. Првото шишенце било со најобичен отворач на винт, а другите две имале два различни безбедносни механизми за превенирање на случајно отворање на шишето од страна на деца – едното користело систем на истовремено туркање надолу и одвртување на капачето,  додека другото се отворало со странично притискање на капачето и истовремено одвртување. Откако ВИ “научила” како да ги отвора шишенцата, таа била програмирана да ги објаснува нејзините движења во реално време. Притоа, можела да даде три вида одговори – симболично објаснување на дејството, “хаптичко“ објаснување со потенцирање на одделни секвенции од дејството и објаснување коешто е истовремено и симболично и хаптичко. Ефектот од овие објаснувања потоа биле спореден со објаснувањa што биле презентирани само како краток текст.

Истражувањето открило дека визуелизацијата што го опишува дејството на роботот во реално време била поефективна во поттикнувањето доверба кај луѓето од едноставните објаснувања што се засновале на некој кус тексуален опис и коишто биле давани по извршување на дејството. Она што е интересно е што истражувањето открило дека објаснувањата што најуспешно ја поттикнале довербата на луѓето не биле и најдобрите објаснувања за методот со којшто се извршувала задачата.

АИ системот користен во ова истражување имал потенцијал за самостојно понатамошно учење со цел усовршување на методите за извршување на задачата.

Клучни зборови:
Преглед на демонстрацијата, учењето, оценувањето и објаснувањето

Преглед на демонстрацијата, учењето, оценувањето и објаснувањето

Објаснувањата што ги генерира симболичкиот планер и хаптичкиот модел

Објаснувањата што ги генерира симболичкиот планер и хаптичкиот модел