Данските научници успеаја да извлечат целосен примерок од човечка ДНК од парче брезова смола стара повеќе од 5000 години, којашто била користена како своевидна гума за џвакање.
ДНК примерокот од каменото доба содржел доволно информации за да се утврди полот на личноста од којашто потекнува, што последно таа јадела, но и какви микроби имала во устата. Покрај ова истражувачите утврдиле дека жената веројатно имала темна коса, темен тен на кожата и сини очи. Таа живеела пред околу 5600 години, во близина на лагуната, заштитена од отвореното море од бариерите на песочните дини.
Како што заклучуваат научниците во нивниот труд објавен оваа недела во Nature Communications, генетски, таа била поблиска со ловџиите од континентална Европа отколку до тогашните жители на централна Скандинавија. Ханес Шредер, од Глоб Институтот при Универзитетот во Копенхаген, којшто го предводеше истражувањето, истакнува дека се работи за извонреден случај каде за првпат е извлечен целосен човечки геном од луѓе од ова доба од нешто што не е остаток на коска или заб од човек. Она што наодот го прави уникатен е и тоа што научниците покрај човечката ДНК успеале да извлечат и ДНК на околу 40 вида микорби како и на неколку важни човечки патогени присутни во устата. Ова го прави навистина важен извор на стара ДНК за времето од коешто има многу малку човечки остатоци.
Примерокот од брезова смола бил пронајден при археолошкото ископување на локалитетот во Силтолм, на островот Лоланд, јужна Данска. Се работи за уникатен локалитет, каде речиси сè е запечатено во кал. Ова значи дека органските остатоци се извонредно зачувани и дека истражувачите имаат одличен материјал за анализа.
На локалитетот биле откриени и траги од растителна и животинска ДНК, од лешник и патка, што дало потврда за начинот на живот на луѓето на овој простор во тоа време.
Археолозите не биле сигурни зошто нивниот субјект избрал да џвака смола од бреза – дали да добие некој вид лепило преку ваквата механичка обработка, дали за да си ги исчисти забите, можеби да го залаже гладот или, пак, едноставно смолата била користена како гума за џвакање. Смолата, односно брезовиот катран којшто се добивал со загревање на брезовата кора, веќе илјадници години се користел како лепило, а во каменото доба нашол широка примена при изработката на главите од стрелите, но и на голем број други алатки. Честопати парчињата стврдната смола пронајдени на археолошките локалитети имаат трагови од детски заби, па се претпоставува дека брезовата смола, којашто има и антисептички карактеристики, се користела како алатка за дентална хигиена.