Рубрика: Индустриски дизајн
Промовирана InnoTech Club, платформа за зголемување на свесноста за наука, технологија и иновации
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.12.2019 - 18:30

Во услови кога се соочуваме со одлив на млади и кадар од земјава, а уделот на индустријата во БДП се намалува, го поставуваме прашањето како да создадеме економија базирана на знаење и на технолошки развој?

Зголемување на свесноста за значењето на науката, технологијата  и иновациите е целта која сака да ја постигне платформата InnoTech Club, која денеска во присуство на голем број ученици, студенти, професори, менаџери, експерти и научници беше промовирана во Скопје. Поддржана од Владата на САД, преку Alumni Innovation Engagement, основната мисија на InnoTech Club е презентирање пред младите на важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактори за идниот економски раст и развој на земјата.

InnoTech Club платформата ја промовираше проф. д-р Игор Јорданов од Технолошко-Металуршкиот факултет, лидер на проектот. Тој посочи дека за нашата земја е неопходна реиндустријализација која ќе обезбеди висок економски раст, добро тренирани инженери и нови бизниси, што ќе ни овозможат да останеме во тек со светските трендови.

Целта на InnoTech Club е да ги инспирира младите, заради што во текот на следните месеци ќе организираме Inno Cafe настани, во Скопје, Тетово, Битола и Штип и други градови. На овие настани младите ќе се мотивираат и поврзуваат преку дружење и презентации на иновативни, научни и технолошки успешни проекти кои ги прават поединци или компании и институции во нашата земја“, посочи Јорданов.

Македонската фабрика Микросам од Прилеп е лидер во светот во развој на многу технологии. Нивната успешна приказна со фокус на композитните материјали, кои се незаменливи во најразвиените одбранбени, авио, вселенски и други индустриии, трае повеќе од четири децении. Генералниот менаџер на Микросам, Веле Самак, ги увери младите дека знаењето да се креираат композитни продукти е врв во светската индустрија, а тоа знаење го имаат инженерите кај нас.

Инженерската кариера има долгорочен потенцијал секаде во светот и кај нас. Тајната е во постојаното учење и надоградување на знаењата, без да се плашиме да експериментираме или да згрешиме“, порача Самак.

Емилија Стојменова- Дух е професор на Факултетот за електроинженерство на Универзитетот во Љубљана, лидер на Digital Innovation Hub – 4P DIH и основач и директор на мрежата FabLab Slovenia. Таа ја сподели успешната приказна за “паметните села“, која се имплементира под чадорот на Европската комисија и Европскиот парламент. Целта на “паметните села“ е задржување на луѓето во своите локални заедници, каде со дигитализација и воведување на сите придобивки од технологиите се креираат можности за напредок и развој.

Дека Македонија има квалитетни кадри и млади надежи, потврда се студентите од тимот Getbike, кои го создадоа првиот македонски електричен велосипед со филтри за прочистување на воздух. Филип Попоски, студент на Машинскиот факултет и дел од тимот, посочи дека студентите кај нас сакаат предизвици и можност да изнаоѓаат решенија преку примена на технологијата.

Како младите да се заинтересираат за наука, технологија и иновации? Како знаењето и иновациите да ги направиме IN? Како да ги задржиме експертите со силни технички вештини да градат кариери во Македонија? Во оваа насока, во изминатиот период InnoTech Club работеше на вмрежување на средношколци, студенти и универзитети со истражувачи и експерти, компании и истражувачки центри. Во голем број средни училишта, во Американските катчиња и Кариерните центри на државните и приватните универзитети беа одржани предавања на кои се потенцираше потребата од наука, технологија и иновации како единствениот пат до одржлив економски развој и високи стапки на економски раст.

Клучни зборови: