Секоја суперновa се раѓа од експлозија на некоја sвезда. Во изминатите 20 години во галаксијата NGC 5468 се забележани голем број вакви настани.
И покрај тоа што таа е оддалечена од нас нешто повеќе од 130 милиони светлосни години, нејзината поставеност во однос на нас во многу го олеснува набљудувањето и забележувањето на вакви настани во склоп на оваа галаксија. На оваа слика направена со помош на вселенскиот телескоп Хабл, ја гледаме галаксијата NGC 5468 во сета нејзина раскош, можеме да ги набљудуваме фините детали на отворените краци од спиралата на галаксијата.
Како што повеќепати имаме пишувано, настанокот на супернова е поврзан со еден од следниве два механизма.
Во првото сценарио, огромна ѕвезда на крајот од својот живот го троши целото нејзино гориво, по што таа станува динамички нестабилна и не може да го одржи нејзиниот габарит, по што колабира навнатре, за веднаш потоа да се распрсне во моќна експлозија.
Во другото сценарио белото џуџе, коешто претставува густ остаток од нормална ѕвезда, е една половина од ѕвездениот пар што орбитира еден околу друг. Џуџето “цица” од својот придружник повеќе маса отколку што е во состојба да поддржи, процес што конечно иницира неконтролирана нуклеарна фузија во неговото јадро и го отпочнува процесот на создавање на супернова.
Крајниот резултат во двете сценарија е објект со интензивен сјај којшто може за момент да ја надмине светлината од целата галаксија, вклучувајќи ја и NGC 5468.