Рубрика: Аеронаутика
Првиот целосно електричен комерцијален авион го направи првиот лет
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.12.2019 - 12:45

Првиот целосно електричен комерцијален авион во светот го направи својот прв тест лет во вторникот. Авионот што полета од канадскиот град Ванкувер влеа надеж дека наскоро авиосообраќајот нема да биде еден од најнееколошките начини на превоз.

Моторот на авионот е плод на соработката меѓу конструкторската компанија magniX, од Сиетл, САД и Harbour Air, канадската компанија што превезува околу половина милион патници годишно, на релациите од Ванкувер до ски-центарот Вистлер, и до околните острови и крајбрежни заедници.

При претставувањето на авионот, Рои Ганзарски (Roei Ganzarski) од magniX истакна дека новата технологија, освен елиминирањето на емисиите на стакленички гасови, ќе донесе и значителна заштеда на трошоците за авиокомпаниите.

Цивилното воздухопловство е еден од најбрзорастечките извори на емисии на јаглеродни гасови. Според бројките од Европската агенција за животна средина, авиоиндустријата, со емисии од 285 грами СО2 по километар за секој пренесен патник, предничи во штетните емисии на стакленички гасови, оставајќи ги сите други начини на транспорт  далеку зад себе. Емисиите придонесуваат во глобалното затоплување и климатските промени, а како што научниците веќе подолго време предупредуваат, овие промеи ќе донесат сè посилни суши, супер-бури и пораст на нивото на светските мориња.

Е-авионот кој оваа недела го направи првиот тест-лет, всушност претставува 62-години стар мал авион, со шест патнички седишта, од типот DHC-2 de Havilland Beaver. Авионот беше преправен во е-авион со поставување на електричен мотор, а првиот лет го пилотираше основачот и главен извршен директор на Харбор Ер, Грег Мекдугал.

Пред очите на околу стотина набљудувачи, веднаш по изгрејсонце Мекдугал полетал и направил мал круг долж реката Фрејзер во близина на меѓународниот аеродром во Ванкувер. Целиот лет траел околу петнаесетина минути.

Како што тој откри подоцна за новинарите, целта на компанијата е електрификација на целата нивна флота. Освен еколошките придобивки, компанијата со овој потег ќе има директни економски заштеди, што се должи на ефикасноста на “горивото”, но и на огромното намалување на трошоците за одржување, бидејќи електричните мотори бараат “драстично“ помалку одржување. Но, овие планови засега ќе мора да почекаат, бидејќи е-авионот треба дополнително да се тестира за да се потврди неговаата сигурност и безбедност. Покрај тоа, електричниот мотор мора да биде одобрен и овластен од регулаторите.

Зголемувањето на енергијата во батеријата е исто така предизвик. Имено, литиумската батерија на тест-авионот му овозможи сосема мал домет од околу 160 километри. Но, како што тврдат од Харбор Ер, дури и овој мал домет е сосема доволен за кратките авиолинии што тие ги одржуваат.

Клучни зборови: