За волја на вистината, сè што досега било најдено заробено во стврдната ќилибарна смола имало некоја зашеметувачка мистична естетика. А честопати овие прекрасни објекти можат да раскажат и некоја важна приказна од минатото на Земјата, што значи дека нивното откривање носи двојна добивка.
Ваков е, на пример, случајот со оваа цветна бубачка од видот Angimordella burmitina, стара 99 милиони години, за којашто научниците велат дека обезбеди важни докази за процесот на опрашување од страна на инсекти кај скриеносемените (цветни) растенија.
Имено, сè досега се сметаше дека таквото опрашување почнало да се случува за време на мезозоикот, пред околу 145 до 66 милиони години, кога цветните растенија брзо се развивале, иако досега пронајдените директни докази за одвивање на овој процес датираа само од средниот еоцен, пред околу 48-45 милиони години.
Телото од инсектот A. Burmitina заробено во ќилибар, којшто беа пронајден во рудник во северен Мијанмар, има повеќе карактеристики кои укажуваат на неговата улога на опрашувач. Вака барем образложува истражувачкиот тим предводен од Бо Ванг од Кинеската академија на науките и Дејвид Дилчер од Универзитетот на Индијана, САД.
Имено, инсектот има заоблено, компактно и стрелесто тело со нископоставена глава, карактеристики што веројатно го олеснувале пристапот до храната во цвеќињата. Покрај ова, бубачката има добро развиени задни нозе, што овозможувале лесно движење меѓу цветовите, и фини влакненца кои го покриваат целиот граден кош и стомакот, чијашто висина и растојание се погодни за задржување и транспорт на поленот. Сево ова е заокружено со веќе модифицирани устници кои се чини дека се прилагодени за собирање и, веројатно, за транспортирање на поленот.
Во прилог на оваа теорија следи и пронајдениот крунски доказ – стомакот и градите на инсектот биле запрашени со триколпатен полен, којшто е карактеристичен за групата скриеносемени цветни растенија наречени евдикоти.
Наодите се претставени во трудот објавен минатиот месец во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.