Рубрика: Телекомуникации
Извештаи на АЕК: подобри перформанси и намалено нејонизирачко зрачење од мобилните мрежи
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 04.12.2019 - 13:30

Во понеделникот АЕК ги презентираше резултатите од последните мерења за перформансите и квалитетот на јавните мобилни комуникациски мрежи на национално ниво. Истовремено беа презентирани и резултатите од мерењата за придонесот на новите технологии во вкупната вредност на нејонизирачко зрачење.

Со националниот извештај за перформансите и квалитетот на мрежите на операторите, корисниците добиваат валидна споредба на параметрите за квалитет на двата мобилни оператори и услугите што тие ги нудат преку сопствената мрежа, при што тестирани биле квалитетот на говор, пристап до интернет, мрежно покривање итн. Како што може да се види од овој Национален извештај за квалитетот на мрежите/услугите кои ги обезбедуваат операторите во Македонија перформансите се подобрени во речиси сите сегменти: достапност на мрежата, неуспешни повици, прекинати повици, квалитет на говор, брзина на пренос на податоци итн, што е резултат на воведувањето на новите технологии од 4Г.

Вториот извештај се однесуваше за направените мерења за нивоата на нејонизирачко зрачење кај градинките, како локации од особен интерес за граѓаните. При тоа е направена споредба на последните измерени нивоа со нивоата измерени пред воведување на мобилните комуникациски услуги од четвртата генерација, па така граѓаните добиваат и директен увид за ефектот што новите технологии го имаат. Притоа се дискутираше и за влијанието на 5Г техологијата и нивото на нејонизирачко зрачење по нејзината потполна имплементација.

Согласно Законот за електронски комуникации, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е задолжена за контрола и мерење на нејонизирачкото зрачење предизвикано со употреба на јавните електронски комуникациски мрежи преку практична процена на изложеноста на нејонизирачко зрачење. Во случај на надминување на вредностите на нејонизирачко зрачење, АЕК согласно своите надлежности, презема мерки со  задолжување на операторот за намалување на јачината на радиосигналот кој се емитува од соодветните базни станици и  предаватели со цел измерените нивоа на вредностите на нејонизирачкото зрачење да бидат во согласност со дефинираните гранични вредности. Како гранични вредности на електромагнетоното поле се земени препораките од Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачки зрачења – ICNIRP (International Commissionon Non–ionizing Radiation Protection) чии препораки се имплементирани и во европското законодавство дадени во CEPT препораката ECCREC(02)04 – Measuring non ionizing electromagnetic radiation (9kHz – 300GHz)

Основните гранични вредности се изведени врз основа на директни ефекти врз човековото тело (загревање, контактни струи), а како физички големини, во зависност од фреквенцијата на електромагнетното поле се користат специфичната брзина на апсорпција на енергија – SAR (Specific Absorption Rate) која се мери во W/kg, густината на енергија на електромагнетно поле, која се мери во W/m2 и густината на контактните струи кои се релевантни до 10MHz, а се мерат во A/m2. Бидејќи вредноста на SAR практично е тешко да се измери, за практична проценка на ефектите на електромагнетни полиња врз човекот, како мерни големини се користат: јачина на електрично поле E [V/m], јачина на магнетно поле H [A/m], и густина на енергија на електромагнетно поле S [W/m2]. Во наведените стандарди дадени се соодветни референтни гранични (дозволени) вредности за овие големини – тие се утврдени како вредности кои се за 50 пати помали од вредностите кои предизвикуваат зголемување на температурата на човековото ткиво за 1°C.

Бидејќи вообичаеното растојание на субјектите од изворите на нејонизирачко зрачење е многу поголемо од брановата должина на електомагнетното зрачење, мерењата се спроведуваат во т.н. далечна зона, со мерење на јачината на електричното поле. Притоа се мери јачината на електричното поле кое потекнува од сите извори со што се утврдува точката со максимално зрачење и се определуваат доминантните извори на зрачење кое потекнуваат од јавните мобилни мрежи. Ова се врши преку регистрирање и декодирање на сите радиосигнали во точката со максимално зрачење. За GSM, UMTS, LTE се определува јачината на референтните сигнали од соодветната технологија потребни за интерполација до максимален капацитет. Мерењето се врши автоматски преку предефинирани рутини со кои се нагодуваат сите потребни параметри за мерење на соодветните технологии и сервиси.

За интерполација се користат GSM, UMTS и LTE сигнали.

GSM сигналот кој се емитува со константна моќност е "Broadcast Control Channel“ (BCCH). Секоја секторска антена на GSM системот емитува по еден BCCH сигнал на одредена фреквенција.

UMTS сигналот кој се емитува со константна моќност е “Common Pilot Channel“ (CPICH). Секоја секторска антена на UMTS системот емитува по еден CPICH сигнал.

LTE сигналите кои се користат за интерполација кај LTE сигналот се “Reference Signals“ (RS). Исто се емитуваат со константна моќност и можат да се измерат со приемник за декодирање.

По завршувањето на мерењата следи обработка на мерните резултати и нивно споредување со граничните вредности и утврдување на коефициентот на изложеност на електромагнетни полиња.

Во зависност од фреквентниот опсег и сервисот, измерените вредности се интерпретираат на различен начин. FM радио и DVB-T сигналите постојано се емитуваат со константна моќност. GSM, UMTS, LTE сигналите од базната станица во текот на времето не се константни и нивниот интензитет зависи од сообраќајното оптоварување. Затоа при мерењата се врши интерполација на мерните резултати до максималното оптоварување на базната станица.

Во периодот од 10.5.2013 до 4.7.2014 година направени се мерења на нејонизирачкото зрачење во близина на 131 градинки. Со воведување на LTE сервисот во мобилната телефонија, а со цел да се провери влијанието на овој сервис врз нејонизирачкото зрачење, мерењата биле повторени во период од 7.11.2018 до 15.11.2019 година на локации од 149 градинки. Во 2014 година на подрачјето на Македонија работеа три мобилни оператори со фреквенциски опсег од 330 MHz. Оваа година постојат два мобилни оператори со 290MHz фреквенциски опсег или 40MHz помалку. Од една антена GSM сервисот зрачи со поголема моќност од LTE сервисот. Од добиените резултати се гледа дека нејонизирачкото зрачење на повеќе мерни точки во 2019 е намалено во однос на 2014 година. Поконкретно, кај најголем дел од градинките нејонизирачкото зрачење изнесува од 0 до 2%, а кај останатите од 3 до 8% од максимално дозволената вредност.

Во сите мерења од 2018/2019 година добиени се вредности кои се многу пати помали од дозволените гранични вредности, или поедноставно кажано зрачењето коешто потекнува од современите 4Г мобилни мрежи е далеку помало од она во време на првата генерација на GSM. За очекување е дека вредностите на нејонизирачкото зрачање дополнително ќе паднат на уште пониски вредности со воведување на новата 5Г технологија, со оглед на тоа што таа ќе користи повеќе мали базни станици кои ќе емитуваат со значително помала моќност.   

Сите резултати од мерењата може да се погледнат тука .

Клучни зборови:
Дистрибуција на коефициентот на електромагнетно зрачење (број на градинки) 2014 година

Дистрибуција на коефициентот на електромагнетно зрачење (број на градинки) 2014 година

Дистрибуција на коефициентот на електромагнетно зрачење споредбено во проценти за 2014 и 2019 година

Дистрибуција на коефициентот на електромагнетно зрачење споредбено во проценти за 2014 и 2019 година

ДГ Павлина Вељанова Клон 3, Кочани – мерења 2014 и 2019

ДГ Павлина Вељанова Клон 3, Кочани – мерења 2014 и 2019

Мерни резултати-споредбени резултати од кампањи за брзини на пренос на податоци по оператор [Mbps]

Брзина за пренос на податоци преку радиокомуникациска мрежа

Брзина за пренос на податоци преку радиокомуникациска мрежа комбинирано по технологии (GPRS, EDGE, UMTS и LTE) за населени места изразено во Mbps