Во светот се регистрирани околу 380 милиони дијабетичари, а според Светската здравствена организација бројот на лица со дијабетес вртоглаво се зголемува од година во година, така што се очекува до 2035 година да порасне на 580 милиони луѓе. Кај лицата што патат од шеќерна болест од извонредно значење е следењето на нивото на гликоза во нивниот крвоток. Следењето најчесто се врши со помош на преносен гликозомер за чијашто анализа се обезбедува примерок од крвта на пациентот со боцкање на прстите од рацете. Тестот е толку едноставен и раширен што честопати го прават и самите пациенти.
Но, овој начин на следење има и свои недостатоци. Имено, процесот што во одредени случаи треба да се повтори неколку пати во текот на денот, може да биде болен а со себе носи и ризик од инфекција. Токму од овие причини научниците веќе подолго време истражуваат методи што ќе обезбедат неинванзивно следење на нивоата на шеќер во крвта.
Во таа насока, бразилските научници во соработка со нивните колеги од САД, создадоа биосензор што се вградува во рамката од очилата, а со којшто се следи нивото на гликоза во крвта преку солзите. Имено, биосензорот го детектира ензимот гликоза оксидаза којшто се користи откривање на слободната гликоза во телесните течности, каде што припаѓаат и солзите. Покрај мерење на нивото на шеќер во крвта, со биосензорот може да се идентификува и недостатокот на некој витамин, но и нивото на алкохол во крвта.
Биосензорите ги мерат биолошките или хемиските реакции и потоа генерираат сигнал пропорционален на концентрацијата на одредена супстанција. Сè почеста е нивната изработка за специфична намена – за забрзување на лабораториските тестови, за следење на здравствени состојби, но и за дијагностицирање и спречување на одредени болести. Оваа наменска употреба веќе не е реткост дури и во земјите во развој, како што е Бразил.
Научниците од Институтот за физика Сао Карлос при Универзитетот во Сао Паоло, заедно со научниците од Катедрата за наноинженеринг при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, успеале да го имобилизираат ензимот на електрода којашто е дел од електричното коло со постојан проток на електрони сместено во подлогата за нос на очилата. За испитување на нивото на гликоза, корисникот мора да излачи солзи, а ова ќе го направи со изложување на супстанција којашто ги иритира очите и го поттикнува лачењето од лакрималната жлезда.
Штом солзите ќе дојдат во контакт со соединението на гликоза оксидаза, се нарушува протокот на електрони во колото, по што се создава сигнал што се снима и обработува од уредот инсталиран во рамката на очилата. Уредот потоа ги испраќа резултатите во реално време до компјутер или до паметен телефон.
Со употреба на истиот пристап, бил направен и биосензор што може да ги открие и квантифицира биомаркерските протеини за клиничка дијагностика на занемарените болести и хроничните дегенеративни заболувања, како што се одредени видови на карцином.
Овој едноставен пристап може да ја подобри дијагностиката на повеќе заболувања, комерцијализација на новиот уред се очекува во наредните неколку години.