Рубрика: Информатика
Фејсбук затворил дури 5,4 милијарди лажни профили оваа година
Автор: Ива Манова
Објавено на 28.11.2019 - 12:15

Бројот на лажни профили на оваа социјална мрежа и понатаму е многу голем, иако  развојот на технологијата сега им овозможува на експертите од Фејсбук да ги пресретнат и да ги угасат лажните профили додека тие се сè уште во фаза на креирање.

Се смета дека предизвикот за справување со овој проблем на социјалните мрежи ќе стане уште поголем за време на претстојните избори во САД и најавениот попис на населението во 2020 година. Експертите интензивно се подготвуваат да се справат со овие предизвици, поттикнати од аналитичарите кои будно ги потсетуваат за влијанието на социјалните мрежи во текот на изборната трка во 2016 година.

Бројот на лажни профили што компанијата ги има откриено го досегна врвот на почетокот на оваа година, кога Фејсбук соопшти дека затворил повеќе од две милијарди кориснички сметки само во текот на првото тромесечје, во периодот од јануари до март. Во текот на следните три месеци се отстранети релативно помалку лажни сметки, 1,5 милијарди, бројка што Фејсбук ја припиша на направените подобрувања во блокирањето нови лажни профили. Но, бројот на лажни профили потоа повторно се зголемува – последниот извештај на Фејсбук покажува дека од јули до септември биле елиминирани 1,7 милијарди лажни профили.

Соопштението е дел од најновиот извештај за транспарентност на Фејсбук, кој за првпат содржи информации и за Instagram.

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, изјави за новинарите дека прашањето со лажните профили во компанијата се третира мошне сериозно и ги повикал и другите платформи да го гледаат овој проблем како сериозна закана.

"Бројот на лажни профили кај нас е висок, но тоа само значи дека вложуваме повеќе напори за идентификување на овие содржини, па затоа бројката е висока“ – рекол Закерберг.

Освен лажните профили, само меѓу месеците април и септември Фејсбук блокирал и згаснал околу три милиони содржини кои ја прекршиле политиката на компанијата против продажба на дрога. Компанијата на ист начин постапила и со 95 000 содржини на Инстаграм, кои биле поврзани со продажба на оружје.

Кога станува збор за содржините на Инстаграм, компанијата најмногу се бори против содржини кои вклучуваат злоупотреба на деца, самоубиство, самоповредување и тероризам.

На почетокот на оваа година Фејсбук почна да користи алгоритам кој автоматски ги брише содржините кои имаат врска со говор на омраза, чијашто употреба е во спротивност со политиката на компанијата.

Помеѓу јули и септември од Фејсбук биле отстранети дури 7 милиони содржини со говор на омраза, што според извештајот претставува зголемување од речиси 60% споредено со претходниот периодот меѓу април и јуни. Како што соопшти компанијата, од овие 7 милиони содржини повеќе од 80% биле откриени од страна Фејсбук пред некој корисник да ја види содржината.

Фејсбук се најде под зголемени критики од активистите на малцинствата и од групите за граѓански права во врска со ширењето говор на омраза на својата платформа. Извештајот доаѓа неколку дена откако лидерите на движењата за граѓански права во САД се состанале со Закерберг со цел да укажат за начините на коишто говорот може да повреди и несразмерно да им наштети на ранливите популации на социјалните медиуми.

Клучни зборови: