Рубрика: Историја и археологија
Како сушата уништи едно царство
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 25.11.2019 - 13:45

Релјеф на којшто е прикажана сцена на опсада од асирските походи

Според неодамна објавеното истражување, направено од група американски научници, 60-годишната суша е главниот виновник за падот на дамнешното Нео-асирско царство што се протегало од Иран до Египет и коешто било главна сила во регионот во текот на два века.

Истражувањето на записите за количината врнежи укажува на тоа дека оваа древна моќна држава била толку ослабната од огромната непогода што траела повеќе од половина век, така што во 612 година п.н.е. нејзиниот главен град Ниневех станал лесен план за нејзините соседи – Вавилонците од југот и Медезите од истокот.

Многумина археолози и историчари, коишто оваа суша ја нарекувааат и “мајка на сите катастрофи”, долго време се чуделе како две малечки војски успеале со еден удар целосно да го уништат најголемиот град на светот во тоа време. Особено поради тоа што ниту ископувањата, ниту теренските истражувања, ниту, пак древните документарни записи не понудиле директен одговор за оваа загатка.

Истражувачкиот тим под водство на Ашиш Сина од Калифорнискиот државен универзитет ги анализирал архивските и археолошките податоци на Харви Вајс од Универзитетот Јејл, по што заклучил дека падот на царството е последица на долготрајните временски непогоди. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание Science Advances.

Асирското општество било зависно од сезонските житни приноси во полјоделството. Нивните јужни соседи, Вавилонците, веќе имале развиен систем за наводнување, па така нивните ресурси, државни органи и општеството во целост, немале некои особени последици од долготрајната суша. Вака барем тврди Вајс.

Научниот тим на Сина ги анализирал наслагите во сталагмитите од пештерата Куна Ба сместена во североисточниот дел на Ирак. Минералните наслаги што водата ги нанесувала во траење од стотици милиони години, обезбедиле верна слика за историјата на климата преку проценка на соодносот на изотопите од кислород и ураниум присутни во нив. Потоа, овие откритија биле разгледани во контекст на археолошките наоди како и записите од глинените плочки со клинесто писмо од соодветниот период. На овој начин се извлечени првите палеоклиматски податоци за огромната суша што ги погодила Асирците во време на падот на царството. Истражувањето открило дека на сушата и претходел период со обилни дождови којшто придонел за подемот и цутот на Асирското царство.

Со споредба на записите и добиените податоци истражувачите добиле увид во тоа како оваа огромна суша влијаела за прекинот на асирските подалечни воени походи и градењето канали за наводнување што биле слични со оние на Вавилонците, но имале ограничен ефект врз полјоделството.

Клучни зборови:
Релјеф на којшто е прикажана сцена на опсада од асирските походи

Релјеф на којшто е прикажана сцена на опсада од асирските походи

Просторите што ги опфаќало Нео-асирското царство

Просторите што ги опфаќало Нео-асирското царство

Асирски релјеф со приказ на сцена од лов

Асирски релјеф со приказ на сцена од лов