Веќе сè поголемо внимание се обрнува на безбедностa на бизнис авионите, што не е ништо чудно, ако се знае колку богати сопственици на такви авиони летаат наоколу. Еден од најзначајните проекти во овој сегмент е авионот од бизнис класата опремен со систем кој овозможува самостојно слетување.
Системот “Безбедно враќање” интегриран во системот за воздушна пловидба на авионот Vision jet, всушност е дел од проектот вреден 2 милиони американски долари. Системот ги користи функциите за автоматско управување со авионот и поедноставениот систем за управување што се должи на присуството на само еден мотор на малиот млазен авион, за да го проследи и да го слета авионот до најблискиот оперативен аеродром и функционална писта.
Демонстрацијата на системот се одвивала според следното сценарио: при крстарење на висина од 5000 метри, одненадеж пилотот на авионот доживува срцев удар. Toj паѓа во бесвесна и критична состојба. Еден од патниците или службено лице кое е запознаено со вонредната постапка пристигнува до црвеното копче на таванот од кабината и го притиска. Со тоа, авионот безбедно продолжува да лета и се спушта на најблиската достапна дестинација, односно на аеродром кој е опремен со соодветна електронска опрема, подготвен да го прифати авионот без пилот. Од моментот на притискање на црвеното копче, вниманието може да се пренасочи кон реанимација на пилотот и спасување на неговиот живот. Петнаесетина минути подоцна, авионот ја допира пистата и слетува безбедно. Сценариото уште утре може и да не биде далеку од вистината.
Внатрешност на пилотската кабина
Ова сценарио е овозможено благодарение на системот за “безбедно враќање во случај на опасност“, развиен од компанијата Гармин, позната по нивните навигациски уреди, чијшто примерок сосема веројатно е веќе во вашиот автомобил. Гармин влегува во партнерство со производителите на авиони Сирус и Пајпер, коишто ја претставија оваа технологија изминатиот викенд.
Во случај на потреба, при активирање на црвеното копче системот на електроника стапува на сцена, го пронаоѓа најблискиот погоден аеродром, ја пресметува патеката на летот што ги избегнува планините, останатите воздухоплови и заканувачки временски непогоди, комуницира со контролата на летање и го насочува авионот до аеродромската писта и, секако, го сопира при пристигнување на безбедна дестинација. По избор, системот може да ја информира и службата за прва помош.
Магичното црвено копче
Патека за слетување на системот
Системот за самослетување во пилотската кабина се активира со еден потег на раката. Копчето што го активира системот е лесно достапно и од предните седишта и од просторот зад нив. Секако, претходно треба патниците или барем еден од нив да е запознаен со постапката за активирање.
Оваа програма не е прва од ваков вид, но во моментов е најдобро изведено решение за оваа намена. Другите комерцијални системи за автоматско пилотирање бараат постојана контрола од обучен пилот и имаат за цел да помогнат само ако еден од двајцата пилоти биде оневозможен да лета од разни причини.
Апликацијата Xavion за таблет компјутери обезбедува слична функционалност за приватните авиони, но и таа бара одреден степен на надзор, а најмногу е наменета за состојби при откажување на моторот или моторите, при што пилот го презема управувањето до конечниот пристап на аеродромска писта.
Она што е новина и врвно технолошко достигнување на системот од Цирус е тоа што е овозможено негово активирање дури и од страна на некој што првпат седнува во авион. Но, за некоја поширока примена на системот, потребно е и аеродромите да се оспособени со технологијата којашто ги обезбедува параметрите за лет и слетување до системот на авионот.
Големите аеродоми веќе се опремени со системи за слетување во разни временски услови и овозможуваат слетување на авионот буквално без пилотска интервенција или, пак, со негово минимално учество во процесот на слетување, благодарение на системот ИЛС, којшто е поткрепен со други системи. Всушност, согласно подготвеноста за прифаќање на комерцијалните авиони, од поодамна е направена и категоризација на аеродромите. Но, за тоа ќе проговориме во некоја друга пригода.