Што гледате кога ги гледате фотографиите во прилог – животни или предмети направени од човекот? Ако поголемиот дел од животот сте го минале во урбаната џунгла, сосема природно ќе ви дојде како поблиски да ги доживувате предметите што секојдневно ги среќавате, особено оние од вашето непосредно опкружување, како автомобилите или мебелот.
Токму ова го откриле група истражувачи кога претопиле една во друга повеќе фотографии од вештачки предмети со слики од животни и запрашале дваесетина доброволци што гледаат на сликите. Луѓето, кои сите до еден живеле во град, во најголем дел ги забележале предметите изработени од човечка рака, додека силуетите од животни се стопиле некаде во заднината.
Со цел да откријат дали урбаната средина може да ја промени перцепцијата кај луѓето, истражувачите собрале стотици фотографии од животни и вештачки предмети, како што се, на пример, велосипеди, лаптопи или клупи. Потоа, со суперпозиција, од нив направиле хибридни слики, како што е комбинацијата на коњ со маса, во горниот лев агол од сликата, или онаа на носорог со автомобил, во долниот десен агол. Додека следеле како хибридните фотографии трепкаат на екранот, волонтерите ги категоризирале објектите како мало животно, големо животно, мал предмет или голем предмет.
Во глобала, волонтерите покажале јасна пристрасност кон предметите изработени од човечка рака, особено во случај кога тие биле големи. Пристрасноста сама за себе била показател за тоа колку истражувачите морале да ја направат една од сликите визуелно “позабележлива” за да учесниците најнапред ја видат неа, а не сликата со којашто била спарена.
Според истражувачите, оваа пристрасност укажува на тоа дека перцепциите на луѓето се суштински изменети од средините во коишто живеат, што можеби и не треба да не зачуди бидејќи луѓето честопати се потпираат врз искуствата од минатото при обработката на нови информации. Но, во овој случај, живеењето во индустријализирани услови, каде сте изложени на помал број “природни“ предмети, може суштински да го измени начинот на којшто го гледате светот.
Резултатите од истражувањето беа објавени оваа недела во Proceedings of the Royal Society B