Рубрика: Аеронаутика
Нова книга за историјата на воздухопловството во Македонија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.11.2019 - 02:00

Во понеделникот, 28 октомври, во Холидеј Ин беше промовирано уште едно дело од реткиот опус книги во кои се следат чекорите на воздухопловната историја во Македонија.

Книгата “Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“  претставува едно ретко, уникатно и, би рекле, историско претставување на воздухопловните кариери на таткото Александар и синот Владимир Трајковиќ, а преку нив и на развојот на воздухопловството на овие простори.

Автор на оваа своевидна воздухопловна сага, којашто обработува период од речиси 100 години,  е г. Ѓорги Чачкиров, сообраќаен инженер – професионален пилот и наставник за основна обука на моделари и пилоти на авион. Како хроничар, тој и самиот  својот животен пат го минувал низ небеските ширини и воздухопловните лавиринти – од моделар, едриличар, пилот на авиони, падобранец, спортски активист и резервен офицер-пилот во некогашното југословенско воено воздухопловство. Својата професионална кариера ја градел како наставник по моделарство и наставник по летање, до именуван секретар на некогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија, стручен основач на првата македонска авиокомпанија “ПАЛЕР“, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, директор на Македонски авиотранспорт (МАТ). Во својата животна кариера, покрај непосредните професионални активности тој се јавува и како автор на 6 стручни книги од доменот на воздухопловството и на безброј стручно-едукативни текстови и конструкции чијашто цел е едукација на најмладата популација и стекнување спортски и технички знаења и вештини.

Со “Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“, авторот навлегува во истражувачка активност која во фокусот става досега неоткриени артефакти, документи и избледени фотографии, претставени преку приказната за таткото и синот Трајковиќ.

Книгата ги следи првите чекори на Александар Трајковиќ во авијацијата, неговата кариера пред војната во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, основањето семејство, воените години поминати во Египет, враќањето во Југославија, односно Македонија, повоениот период и ангажираноста на Трајковиќ во аероклубот, со многу кус приказ за случувањата од овие периоди, илустрирани со мноштво лични сведоштва во форма на кореспонденции и фотографии. Тука, секако, е спомената и реализацијата на првите падобрански скокови во овој регион на аеромитингот во Скопје, 1926 година, во коишто учествува и Александар, со скок од 2000 метри. Следат сведоштва за доаѓањето на првиот цивилен клубски авион во Скопје, воспоставувањето на првата аеролинија Белград – Скопје – Белград во 1929 година, за животот на авијатичарите во предвоена Југославија. Книгата потоа го следи природниот тек на нештата – процутот на љубовта кон авијацијата што таткото им ја пренел на двајца од своите синови Владо и Душко. Владо Трајковиќ зачекорува во светот на воздухопловството преку секцијата за моделарство во аероклубот Скопје, но амбициите и желбата да се освои небото го туркаат понатаму, па така во 1950 година, како регрут ќе се најде во школата за резервни воздухопловни офицери во Рајловац. Помладиот брат Душко исто така ќе започне како моделар, за подоцна да заврши падобранска обука и одреден период да учествува во падобранските спортски активности на аероклубот. Но, љубовта кон авијацијата за Душко не била толку жестока, па така тој својата кариера ја продолжил во друга насока. Оттука, книгата го следи животниот пат на Владо – се бележи неговото учество во основањето аероклубови во Гевгелија и во Тетово, ангажманот во активностите на овие клубови, настапите и успесите во младинската падобранска екипа на Македонија, запливувањето во водите на едриличарството и неговото професионално насочување и кариера подоцна како пилот. Во книгата, преку оваа документарна љубовна приказна меѓу едно семејство и воздухопловството, се споменуваат и активностите на повеќе доајени од македонското воздухопловство – Аки Ибраимовски, Димитар Георгиевски – Жути, Ристо Манчев, Илија Миловановски, Љупчо Ружиновски...

Книгата претставува прво дело од ваков вид, кое секако ќе ја надополни приказната за македонската воздухопловна историја.

Оваа своевидна “дуографија“, покрај историските факти, документи и фотографии, носи и особена порака кон младите и пошироката јавност, а тоа е како со желба, самопрегор и постојана активност да се стигне до посакуваната цел.

Издaвањето на ова документирано сведоштво е целосно финансирано од страна на ќерките и внуците на некогашните доајени, Александар и Владо Трајковиќ, Јулиана Трајковиќ и Олгица Ташковска.

 

Апдејт: Книгата е достапна во е-продавницата на ЕМИТЕР по цена од 1500 денари

Клучни зборови: