Свилените конци на пајажината можат да имаат трајност од неколку часа до неколку недели, без да се распаднат и да изгнијат. Според едно ново истражување, ова се должи на неможноста на бактериите што го помагаат распаѓањето да пристапат до азотот во пајаковата свила. Имено, токму азотот е хранливата материја што микроорганизмите ја користат за раст и за репродукција.
Врз основа на некои претходни истражувања научниците претпоставуваа дека пајажината можеби содржи антибактериски супстанции кои ги сузбиваат бактериите. Но, со испитување на мрежите од три вида пајаци, преку изложување на четири типа бактерии, било откриено дека пајаците употребуваат стратегија на резистентност. Вака барем се вели во истражувањето објавено неодамна во Journal of Experimental Biology.
Свилените конци на пајажината имаат повеќе намени – пајакот со нив го фаќа пленот со којшто се храни, во нив ги завиткува јајцата, а исто така ги користи и како “алпинистички прибор” за вертикално симнување или качување. Во пајажината честопати во природата може да има остатоци од лисја со коишто пајакот го камуфлира присуството на мрежата сместена во крошните од дрвјата, а речиси сигурно во голем број мрежи може да се најдат и повеќе вплеткани и “спакувани” мртви инсекти коишто пајакот ги складирал за некој иден оброк. Но, токму овие туѓи тела во пајаковата мрежа ги намамуваат бактериите и габите кои учествуваат во процесите на распаѓање на мрежата, изложувајќи ја пајажината богата со протеини на дејството на микроорганизмите.
За да проверат дали нишките од пајажината, сами за себе, се смртоносни за бактериите, научниот тим поставил нишки од три вида тропски пајаци (Nephila pilipes, Hippasa holmerae и Cyrtophora moluccensis) во лабораториски садови, кадешто ги изложиле на четири вида бактерии, вклучително и E. coli, кои ги поставиле попречно врз свилата. Во случај самата пајажина да поседува антибактериски својства, во местата кадешто таа “се сече” со бактериската популација требало да се појават “дупки”, односно, места кадешто бактериската популација нема да напредува.
Истражувачите забележале дека на местата кадешто бактериите доаѓале во директен контакт со нишките не можела да се забележи никаква “чиста зона“ од мртви бактерии. Потоа тимот истражил дали нишките можеби го спречуваат напредувањето на гладните бактерии преку блокирање на нејзините резерви на азот. Со навлажнување на нишките со повеќе видови хранливи раствори се покажало дека, во присуство на дополнителен азот, бактериите лесно напредуваат врз сите три типа пајажини. Ова укажува на тоа дека бактериите можат да напредуваат и да ја разградуваат пајажината, но само ако нишките не се единствениот извор на азот.
Истражувачите претпоставуваат дека пристапот на бактериите до азотот во пајажината веројатно е ограничен поради надворешната обвивка од маснотии или сложени протеини на свилата. Но, некои научници сè уште не се подготвени целосно да ја исклучат можноста за постоење на антибактериски својства на пајажината кај сите видови пајаци ткајачи. Според нив, распространетоста на пајаците на места каде што нивните мрежи се постојано изложени на темница и на влага, можеби влијаела на развивање и на други видови одбрана којашто би овозможила трајност на мрежата.