Група американски истражувачи развиле каталитички метод за претворање на пластиката за еднократна употреба во висококвалитетни течни производи како што се моторни масла, лубриканти, детергенти, па дури и козметика.
Тимот предводен од Универзитетот Нортвестерн, Националната лабораторија Аргон и лабораторијата Ејмс го опиша процесот во списанието ACS Central Science.
Успехот се должи на ползувањето на силните врски помеѓу јаглеродните атоми, што инаку е главен фактор зошто пластиката природно не се деградира и не се распаѓа, претворајќи се во опасни честички микропластика. Како што вели еден од коавторите на трудот, Масимилијано Далферо “Ние се обидовме да ја повратиме назад високата енергија што ги одржува овие врски со каталитичко претворање на полиетиленските молекули во други материјали што можат да се употребат во производство на комерцијални производи со додадена вредност."
Катализаторот се состои од наночестички од платина наталожени врз перовскитни наноцевки, преку таложење на слој дебел колку еден атом. Се работи за техника развиена во лабораторијата Аргон, којашто овозможува прецизна контрола на наночестичките. Потоа, во услови на умерен притисок и температура, катализаторот ја прекинува врската јаглерод-јаглерод во пластиката, што овозможува производство на висококвалитетни течни јаглеводороди.
Процесот е сосема спротивен од оној што се случува при употреба на комерцијално достапните катализатори со чијашто помош се добиваат производи со понизок квалитет, со многу кратки јаглеводороди, со што се ограничува нивната употребна вредност.