Рубрика: Астрономија и астронаутика
Заблуди, измами и вистини: Рамноземјаните се самоубија!
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 26.10.2019 - 13:15

Цртеж на моделот Рамна Земја

Не, не буквално, но речиси исто како да го направиле тоа. Во обид да докажат дека Земјата е рамна и статична, го докажаа спротивното – дека Земјата е топка што ротира!

Можеби повеќе на место ќе беше да ја употребам нашата народна мудрост: „Со свој камен по своја глава“, но сепак... Американците имаат една многу прецизна фраза која најмногу одговара за нашиов случај, а во оригинал гласи “shoot yourself in the foot”. Во буквален превод е „да си пукаш во стапалото (ногата)“, а фразата најверојатно потекнува од времињата на американскиот „Див запад“, кога сите носеле револвери, но не сите знаеле и умееле правилно да ракуваат со нив. Фразата во својата суштина означува дека некој, заради сопственото незнање, некадарност или глупост (најчесто сето тоа заедно) сам себеси си направил огромна и непоправлива штета. Така, припадниците на теоријата на заговор за „Рамна Земја“ (Flat Earth) сами си пукнаа во стапалото во своите обиди да докажат дека Земјата е рамна плоча (диск). Целото „пукање во стапалото“ (и тоа двапати!), заедно со уште многу други занимливости од животот и активностите на „рамноземјаните“, прикажано е во долгометражниот документарен филм „Behind the curve“, дело на режисерот Дениел Кларк (Daniel J. Clark).

Филмот првпат е прикажан во април 2018 година, на фестивалот „Hot Docs Canadian International Documentary Festival“ во Торонто, а пошироката јавност можеше да го види на Netflix во февруари 2019 година. Филмот ги следи активностите на светски истакнатите предводници на рамноземјаните – Марк Сарџент (Marc Sargent), Патриша Стир (Patricia Steere), Џерин Кемпанела (Jeran Campanella) и Боб Нодел (Bob Knodel). Во еден кадар од филмот мислам дека го забележав и Дејв Марфи (Dave Murphey), кој гостуваше и кај нас, во емисиите на Миленко Неделковски. Во филмот, кратки коментари од страна на науката дадоа и астрономи, (астро)физичари, еден поранешен астронаут и двајца психијатри. Мислењето од психијатрите беше неопходно да се вклучи во филмот, со оглед на очигледната неверојатност (да не кажам друг, попрецизен збор) на тврдењето на рамноземјаните дека Земјата е рамен диск, наместо топка.

Во филмот, првото „пукање во стапалото“ е кога Боб Нодел (од Flat Earth YouTube каналот), објаснува дека еден нивни член потрошил 20 000 долари за да купи професионален прстенест ласерски жироскоп (ring laser gyroscope), со намера да „докаже“ дека Земјата не се движи (не ротира). На нивни ужас, жироскопот покажал дека Земјата ротира со 15º на час, толку колку што навистина ротира (15º x 24 часа = 360º, односно 1 полн круг за 24 часа). Во филмот, Боб Нодел апла кажа: “...почнавме да бараме начини да го оспориме тоа...“ !!! И како се обиделе да го оспорат тој кристално јасен експеримент? Со тоа што, според зборовите од Боб Нодел: „Жироскопот го ставивме во „zero Gauss chamber“ (метална комора чија внатрешност е заштитена од надворешно магнетно поле), за да видиме дали ќе можеме да го заштитиме од енергијата генерирана од небото (!?!?), но не успеавме во тоа, за жал“. Следното што ќе се обидеме е да го обложиме целиот уред со бизмут (!?!?). Зошто со бизмут?? И како тоа ќе помогне?? И какви се тие небески енергии?? Тоа ни Боб Нодел не го знае... а најверојатно ни Господ. Понатаму, Боб продолжува: „Не можеме да ги докажеме сите други аспекти од тоа, па не е неразумно што ние и натаму ќе продолжиме да тврдиме дека Земјата е рамна (!?!?)“. Неверојатно! Или не, како што во филмот ќе објаснат двајцата психијатри, а кое ќе го наведам малку подолу.

Второто „пукање во стапалото“ е кога Џерин Кемпанела (од YouTube каналите Globe Busters и Jeranism) прави експеримент што го користи праволиниското простирање на светлината. Имено, нивна екипа отишла на Каналот Викторија (Калифорнија), на дел долг 3,88 милји (6,24 km), со цел да го направи следниов едноставен експеримент: eдна дигитална фотокамера се поставува на почетокот од каналот, на височина од 17 стапки (5,18 m) во однос на нивото на водата, а малку понатаму долж каналот се поставуваат два вертикални меѓусебно оддалечени панели со по една мала кружна дупка на височина од 17 стапки во однос на водата, и далеку, на самиот крај од каналот се поставува насочен извор на светлина. Кога Земјата би била рамна, тогаш фотокамерата ќе го забележи изворот на светлина само ако изворот се наоѓа на истата височина од 17 стапки  – слика 1.

Во реалноста, нивото на водата ја следи закривеноста на Земјината топка, па тогаш изворот на светлината мора да се постави на височина од 23 стапки (7,01 m), за да може фотокамерата да го види тој извор на светлина – слика 2. Филмот детално го следи тој експеримент, снимајќи сè што прави и говори Џерин. Џерин гледа во црниот екран од фотокамерата и му јавува на својот асистент, на крајот од каналот.

Џерин: „Хмм... Не ја гледаме светлината. На која височина е?

Глас од асистентот: „На 17 стапки.

Џерин: „Хм... Ајде крени ја повисоко, многу над тебе.

Наеднаш, на екранот од фотокамерата се појавува светлина (нормално, бидејќи Земјата е топка – слика 2)!

Џерин: „Интересно! (гласно и изненадено)... интересно, да (потивко и разочарано)... ова е интересно (тивко и со очај во гласот)...

И тука филмот нагло завршува, со крешчендо на драматичната музичка позадина! Ефектно, нема што!

Теоријата на заговор „рамна Земја“ всушност e најграндиозната можна теорија на заговор, затоа што е најголема по времетраење и опфат, за да може „рамноземјаните“  да ги „оправдаат“ своите тврдења. Таа го опфаќа целиот најзначаен период на човековата цивилизација во последниве 2500 години, почнувајќи од Питагора (570 пр.н.е – 495 пр.н.е.) кој прв тврди дека Земјата е топка, па сè до денешни дни. Не само по континуираното времетраење, туку и опфатот на заговорот е епски широк, бидејќи „рамноземјаните“ тврдат дека во заговорот се вклучени ама баш сите научници во светот, сите држави, сите влади, сите државни институции во секоја земја, сите компании што испраќаат ракети со сателити во орбитата на Земјата и подалеку, сите авионски компании, сите поларни истражувачи, сите школи и факултети, сите... и така натаму. Сè на сè, неколку милијарди луѓе! Во однос на неа, теоријата на заговор за неспуштањето на астронаутите на Месечината е мала и наивна детска игра – таа трае само во последниве 50 години и со релативно мал број вклучени луѓе (според негаторите на спуштањето на Месечината) – во активностите на НАСА, Владата на САД и надлежните институции биле ангажирани само околу 400 000 луѓе.

Во филмот „Behind the curve“ свое објаснување за менталниот склоп на луѓето кои ја прифатиле оваа неразумна теорија на заговор даваат и двајца психијатри. Тие велат дека, парадоксално, тоа (може да) се луѓе со нормална интелигенција, целосно формално едуцирани и по сè друго потполно исти со останатите луѓе, но... Сите тие „рамноземјани“, иако формално се едуцирани (средно школо, факултет, итн.), всушност се лошо, погрешно едуцирани (miseducated е изразот што го употреби психијатарот). Тој проблем особено е изразен кај нас – во нашето школство најчесто се бара само папагалско повторување и меморизирање, без ниту малку напор за логичко размислување, што се одразува во целиот понатамошен живот на луѓето. Токму затоа македонските ученици континуирано се меѓу последните три-четири земји во светот, според PISA тестирањето, за што пишував во колумната во ЕМИТЕР 1-3/2019. Тоа, заедно со малигните последици од Данинг-Кругер (Dunning-Kruger) ефектот (кога некој речиси ништо не знае, а си мисли дека е како Ајнштајн и не е свесен за своето огромно незнаење), дава плодна подлога за развој и ширење на разни малоумни теории на заговор.

Но што ако некој „рамноземјанин“ подоцна, под бремето на научните и логичните докази и факти, сепак сфати дека не бил во право? Според психолозите, тое е когнитивна дисонанца и тука тој ништо нема да промени – тој веќе е презрен и отфрлен од средината и таа нема да го прифати назад, па единствено што му преостанува на кутриот човек е да се врати во имагинарниот свет на теориите на заговор, да се опкружи со луѓе исти како него, со кои ќе може заедно да се самозалажуваат и да си мислат дека се елита во откривањето на вистината, попаментни од сите научници заедно. Притоа, ќе ги одбираат само оние „докази“ кои им одговараат, а воопшто нема да ги перцепираат оние реални докази и факти кои од темел им го рушат целиот нивни имагинарен свет.

Иако двајцата психијатри беа професионално културни и внимаваа да не изречат некаква навреда за „рамноземјаните“, во врска со нивниот очигледно ограничен интелектуален и духовен капацитет, сепак во филмот беше овековечен еден типичен „рамноземјанин“ (по име Нејтан), кого го снимија како ги практикува своите секојдневни активности – типот вежбаше (жонглираше) со тениско топче, држејќи по еден тежок чекан во секоја рака, а притоа ги рецитираше по абцеден ред сите американски држави и сите хемиски елементи, веројантно со цел да се развива физички и духовно!?!? Потоа тој лик го искажа своето згрозување од целото општество, кое „не дозволува учење на вистината, кое употребува вакцинирање, насилно воведува учење на теоријата на еволуција и на хелиоцентричниот систем, потоа кажувајќи дека науката е лажна и несигурна бидејќи „еднаш тврди дека Земјата е стара 4 милијарди години, а потоа дека е стара 14 милијарди години“ (што не е точно, науката вели дека вселената е стара 14 милијарди), за на крајот да заврши дека диносаурусите не се вистински, туку фабрикувани, направени!?!?

Во филмот беа прикажани и активностите околу меѓународниот конгрес „International Flat Earth Conference“ одржан 2017 година во Северна Каролина, САД. За време на конгресот, во времето одделено за прашања од публиката, едно момче постави многу логично прашање: „Колку е висока куполата (небото)?“ На тоа Марк Сарџент, наместо да одговори, праша: „Колку години имаш?“. Момчето одговори „12 години“, на што Марк Сарџент гласно, благонаклоно се насмеа заедно со целата публика, и избегнувајќи го одговорот, рече „Браво!... Благодарам што дојде. Дали дојде со родителите?...“ и така натаму... Ова избегнување не е случајно, бидејќи на „рамноземјаните“ им е страв да кажат нешто конкретно за нивниот систем на „рамна Земја“, како што се бројки и начин на функционирање на небеската купола и небеските објекти (Сонце, Месечина, планети, астероиди, комети, ѕвезди, галаксии...), бидејќи немаат некој кохерентен и усогласен модел кој би ги објаснил небеските и физичките појави, освен еден магловит концепт дека тоа се некакви светла на небеската купола.

А соборувањето на концептот „рамна Земја“ е многу едноставно, бидејќи во нивниот модел од секоја точка на Земјата можат да се видат сите соѕвездија на небото, иако во стварноста секој кој се наоѓа јужно од екваторот (Австралија, Јужна Америка, јужниот дел на Африка) не може да ја види ѕвездата Северница и соѕвездието Мала мечка, на пример. Слично, жителите на Европа, Северна Америка и на северна Азија не можат да го видат соѕвездието Јужен крст. Понатаму, со нивниот концепт на кружење на Сонцето и Месечината на небеската купола, во форма на насочени рефлектори кон површината на Земјата, физички потполно е невозможно Сонцето и Месечината ниту да се приближат, а камо ли да зајдат зад хоризонтот! А колку многу романтични заоѓања на сонцето сме виделе на море... Притоа, концептот со Сонцето како насочен рефлектор неминовно би водело кон визуелно деформирање на сончевиот диск (освен кога е највисоко над небото), а знаеме дека сонцето секогаш ни изгледа како совршен круг. Направете експеримент – во некоја соба загледајте се на таванот во некој лустер со абажур отворен од долу (во кружна форма), пројдете под него и ќе видите осветлен кружен диск. Потоа оддалечете се во аголот од собата и повторно погледнете го долниот дел од осветлениoт абажур – ќе видете дека тоа не е осветлен круг, туку елипса. А сите знаеме дека Сонцето никогаш не ни изгледа како елипса, дури ни еден час пред заоѓањето. Освен тоа, настапувањето на ноќта би се случило кога „рефлекторот“ на Сонцето сè уште би бил прилично високо над хоризонтот. Не можам да се изначудам како „рамноземјаните“ не сакаат (или не можат) да ги сфатат овие едноставни работи. Ќе да е до когнитивниот биас и когнитивната дисонанца... а можеби и толку им сече умот.

На крајот, да го дадам портретот на типичен следбеник на теориите на заговор, каде што секако спаѓаат и „рамноземјните“: тоа е човек кој по правило е религиозен, формално но погрешно едуциран („бубање“ без размислување) со последица на неразвиен и лимитиран капацитет за критичко и логичко размислување, без знаење на основите на научното спознавање (хипотеза, теорија и закон), кој не ги сфаќа основните физички процеси и појави во природата, кој никогаш не прочитал ниту бил претплатен на некое научно-популарно списание, кој никогаш ниту прочитал ниту купил некоја научно-популарна книга, кој никогаш не погледнал низ телескоп (важно за овој случај со „рамноземјаните“, кои исто така не го прифаќаат ни хелиоцентризмот), кој верува дека вакцинирањето е штетно и дека теоријата на еволуцијата е погрешна, кој верува во постоење на штетни „кемтреилови“, кој за сè што не чини ги обвинува Масоните и некои имагинарни елити, на кој му се гади од науката, научниците и научните институции и кој се „едуцира“ исклучиво преку интернет, гледајќи кратки YouTube филмчиња и посетувајќи некои опскурни интернет портали (најчесто за разни теории на заговор) и наивно верувајќи во сè она што ќе му презентираат таму, без воопшто да сака да ги посети порталите (и YouTube објаснувањата) кои од научно-популарна страна ги соборуваат теориите на заговор. Ваквите хендикепирани индивидуи не се ни за потсмев, туку за сожалување.

 

P.S.

Филмот „Behind the curve“ можете да го видите на Netflix (https://www.netflix.com/mk/title/81015076 ), кој инаку се плаќа, но има опција за пробни 30 дена бесплатен пристап.

На следниов линк има кратко видео каде се издвоени и искоментирани само двата експеримента спомнати погоре:

https://www.youtube.com/watch?v=TMG5P1LRHYU

 

Цртеж на моделот Рамна Земја

Цртеж на моделот Рамна Земја

Слика 1: Очекуваниот резултат од експериментот кога Земјата би била рамна плоча

Слика 1: Очекуваниот резултат од експериментот кога Земјата би била рамна плоча

Слика 2: Практичниот резултат од експериментот докажува дека Земјата е топчеста

Слика 2: Практичниот резултат од експериментот докажува дека Земјата е топчеста

Анимиран приказ на моделот Рамна Земја

Анимиран приказ на моделот Рамна Земја

Плакатот од документарниот филм Behind the Curve

Плакатот од документарниот филм Behind the Curve