Рубрика: Колумна
Епидемија на заглупување
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1-3/2019.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


“И порано имаше глупави луѓе, ама то­гаш немаше интернет!” Оваа стара до­сет­ка со секоја година сè повеќе ја потврдува својата исправност и добива на тежина. Претходно, луѓето со потпро­сеч­на интели­генција и скудни знаења беа маргинализи­рани од среди­ната и немаа можност нив­ниот глас да се чуе поши­роко, па не ни знаевме дека постоеле во толкав број. Појавата на интернетот и електронските портали, а осо­бено екс­пан­зи­јата на соци­јал­ните мрежи овозможија, сакале или не, се­кој­дневно да ги читаме, слу­шаме и да ги гледаме овие ин­те­лектуално хендике­пирани луѓе!

Во последниве дваесетина години, сведоци сме на неве­ројатна експан­зија на сепри­сут­носта на ваквите индивидуи кои нарци­соидно и агресивно се при­сутни на соци­јалните мрежи, а бројните интернет-пор­тали, форуми и фејсбук групи им слу­жат за да си се собираат заедно и да си се при­хра­нуваат меѓусебно со разни погрешни и лажни информации, тео­рии на заговор и слично. Таквите индиви­дуи лесно можат да најдат на интернет пригодно сервирани, едноставни, но екс­тремно погрешни објас­нувања за сложе­ните природни и технички теми, тамам приспособени на нивниот огра­ничен инте­лектуален хоризонт. Наору­жани со так­вите “знаења”, агресивно нас­та­пуваат јавно наоколу, не сфаќајќи дека со тоа во полн сјај го прикажуваат својот Dunning-Kruger ефект. Интересна и особено неоче­кувана појава е тој Dunning-Kruger ефект – колку некоја индивидуа е помалку инте­лигентна и колку помалку знае, толку таа индивидуа е посигурна во супериор­носта на својот интелект и во квалитетот и кван­титетот на своите “знаења”. Со дру­ги збо­рови, таквите индивидуи живеат во илузија дека нивната способност и “знае­ње” е над сите останати луѓе. Не веру­вате? Само прочитајте што сè има по соци­јал­ните мрежи и форумите!

Социјалните мрежи, иако неспорно има­ат и позитивни страни, всушност ја шират епидемијата на заглупувањето. На пример, Фејсбукот ги претвора своите корисници во паразити кои пасивно чекаат некој да им испрати некаква содржина (најчесто вицови, кратки видеоклипчиња, а особено – без­бројни селфи од најбезначајни нас­тани и локации), а комуникацијата е све­дена на најрудиментарно ниво, на најмногу три-четири збора. Рај за глупавите!

Сепак, најголемата вина за зголемува­њето на бројот на глупавите луѓе во Маке­донија е нашето образование, кое во на­лет­от на “демократизацијата” и отвора­њето на безброј приватни и државни школи ги урниса критериумите за оценувањето, под изговор дека ако професорите про­должат со стро­гото и правично оценување како дотогаш, постои опасност да ги изгу­бат учениците кои би се запишале онаму каде што оценувањето е помалку строго, па строгите школи би се затво­риле, а стро­гите професори би останале без работа. И така, ла­вината тргна удолу, носејќи ката­строфално опаѓање на крите­ри­умите на оценувањето, а како резултат на тоа доби­вме ученици (со сите петки!) од кои не се бара логично да раз­мис­луваат, туку само да мемо­ри­раат неколку фак­ти. За­тоа, не треба да нè чуди што Маке­донија е на 69-то место од 72 земји на тестот PISA (Programme for International Student Assesment), со кој се опфа­тени 15-годишни ученици. Зад Македонија се са­мо Косово, Алжир и Доминикан­ската Ре­пуб­лика. Дале­ку пред Македонија е држа­вич­ката Три­ни­дад и Тобаго! Еееејј, Три­нидад и Тобаго!!!

Тестот PISA го оценува пред сè логич­ното размислување, способноста за сфа­ќање на презентираното и способноста претходно научените (од училиште) најос­новни факти да се употребат за решавање реални проб­леми. Токму тоа што денеш­ното образова­ние во Македонија не го прави! Резултат на таквото образование – во Македонија пос­тојат формално образо­вани луѓе кои се убе­дени дека Земјата е рамна плоча!? На ова му кумуваат и пове­ќето информативни ме­ди­уми, кои во жел­бата да се здобијат со што поголем број корисници, со непромислена леснотија лиферуваат навидум интересни и атрак­тивни, но всушност длабоко погрешни текс­то­ви и лажни информации (на пример, дека на Месечината воопшто не слетале астронаути), не сфаќајќи дека со тоа пра­ват огромна и непоправлива штета. Само еден пример: при една посета... некаде, во една канцеларија видов неколку девој­чиња, нај­веројатно средношколки, кои вредно ра­ботеа нешто на компјутерите. На ѕидот пред нив со големи букви пишуваше: “Текстовите од порталите AAA и BBB мо­жат да се пре­несат со мали измени, а од порталите CCC и DDD мора комплетно да се преработат”. И така, она што сте го прочитале на некој портал и за што мис­лите дека е вистинито, всушност е сло­боден избор и изнасилена преработка од некоја средношколка која не знае ништо за темата за којашто пишува. Уште ако и порталите CCC и DDD функцио­нираат на истиот принцип (што е многу веро­јатно), тогаш она што го читате на некои наши портали всушност е мега-хорор верзија на детската игра “расипан телефон”.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1-3/2019. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.