Засега знаеме дека повеќе животински видови користат едноставни алатки, помошни средства за извршување на некоја задача. Како што веќе сме пишувале и во ЕМИТЕР “фатени на дело” како користат некое помошно средство досега биле делфините, враните и шимпанзата. Неодамна, National Geographic објави видео на коешто се гледаат и свињи што употребуваат парче кора од дрво или стапче како помошна лопатка при ринењето земја.
Животинките од видот Sus cebifrons, што инаку се наоѓа на листата критично загрозени видови и од коишто може да се најдат само 300 примероци што се наоѓаат во заробеништво, биле проучувани во текот на 2 години. Во овој период биле забележани 11 случаи во коишто тие се послужиле со “алатот” за копање. Свињите го користеле алатот при средување на нивниот брлог напролет, подготвувајќи го за доаѓањето на прасенцата принови. Истражувачите се обиделе на свињите да им “подметнат” и неколку човечки алатки, лопатки, но било забележано дека животинките ги игнорирале овие предмети и претпочитале употреба на “природен алат”, којшто им бил полесен за манипулација.
Истражувањето е објавено во Mammalian Biology. Како се шегуваат и во Science, користењето алат сепак не значи спремност на вистинските свињи да почнат да се занимаваат со политика и да ја зграпчат власта, како што тоа го прикажува Џорџ Орвел во “Животинска фарма”. Барем засега...