Рубрика: Психологија
Идентификувани невроните што заборав значат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.10.2019 - 13:00

Замислете си беспрекорна меморија што никогаш не го заборава изминатиот настан и го помни секој момент од животот. Но, ако спомените никогаш не исчезнуваа, ако секое искуство остануваше неизбришливо врежано во нашиот ум, нашата глава ќе беше толку преполна, што ќе бевме во состојба на вечен хаос со којшто тешко ќе можевме да се справиме во реалноста, како што тоа не му поаѓа од рака ниту на ликот Фунес Ел Мемориозо, кому Хорхе Луис Борхес му доделува токму ваква способност во еден од неговите раскази.

Способноста на мозокот да ги филтрира, селектира и да исчисти дел од сеќавањата е дел од нормалното функционирање на меморијата и грубите црти на овој процес се веќе консолидирана теорија. Но сега, еден истражувачки тим јавува дека за првпат ја идентификувале групата клетки што ја извршува прецизната задача на ослободување “мемориски простор” во мозокот преку “откажување” од бескорисните спомени.

Според истражувањето што неодамна беше објавено во Science, овие неврони се наоѓаат во пределот на хипокампусот, за којшто веќе се знае дека има централна улога во процесот на помнењето. За време на спиењето, кога мозокот е активно ангажиран во филтрирање и во обработка на искуствата од денот, пред да ги консолидира во меморија, дел од невроните биле деактивирани токму за да се овозможи процесот на заборавање.

Истражувачите од неколку јапонски и американски универзитети, открија неколку важни детали за тоа како функционира овој механизам. Проучувајќи го РЕМ-сонот кај глувците, откриле дека една од невронските групи, MCH (Melanin Concentrating Hormone), се активирала само во оваа фаза од сонот, којашто се карактеризира со брзи движења на очите и во којашто се смета дека луѓето интензивно и живописно сонуваат. Со активирањето на овие неврони се инхибирала групата хипокампални неврони позната како центар за меморија.

За да го проучат механизмот, истражувачите ја користеле техниката наречена оптогенетика, којашто овозможува активирање или деактивирање на специфични групи неврони, по што животните користени во експериментот биле подложени на низа мемориски тестови во различни услови. Така, на пример, на глувците им биле претставени мали пластични играчки, при што им било дозволено слободно да ги истражуваат и да ги душкаат. Потоа, откако истражувачите со “вклучување“ или “исклучување“ ги манипулирале MCH невроните на животните, тие замениле еден од предметите што повторно им биле претставени на глувците.

На нивно изненадување, тие забележале дека ако клетките биле активирани животните покажувале влошена мемориска способност и не се сеќавале кој од предметите веќе ги имаат истражено. Ако пак невроните биле деактивирани, глувците го разликувале веќе истражениот предмет. Овој ефект, сепак, се манифестирал само ако невроните биле инхибирани за време на РЕМ-фазата од сонот.

Според Акихиро Јаманака, невронаучник на Универзитетот во Нагоја, Јапонија, којшто е воедно и главен автор на трудот, ова истражување укажува на тоа “дека овие неврони на хипоталамусот му помагаат на мозокот да ги заборави неважните информации, за да ги ослободи мемориските ресурси за следниот ден“. Фактот дека тие се особено активни за време на РЕМ-фазата од спиењето, исто така, објаснува зошто кога се будиме, во повеќето случаи не се сеќаваме на соништата.

Клучни зборови: