Рубрика: Информатика
мЗаедница ја освои Европската награда за млади
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.10.2019 - 12:45

Мобилната апликација за Општина Карпош, мЗаедница, е добитник на Европската награда за млади за 2019 година (European Youth Award 2019), во категоријата “Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството“.

Ова признание е дел од програмата на Европската Унија – “Европа за граѓаните“ и ги поддржува социјално вредните дигитални проекти што се однесуваат на целите дефинирани од Советот на Европа, Европа 2020 и Платформата за знаење за одржлив развој на Обединетите нации.

мЗаедница (mZaednica) е мобилна апликација што им овозможува на граѓаните директна комуникација со локалната самоуправа и можност да влијаат врз активностите што ги презема општината. Апликацијата се состои од три основни модула: пријавување проблеми, споделување предлози и покренување граѓански иницијативи. Како што велат авторите во описот на апликацијата на GooglePlay, граѓаните имаат можност директно да комуницираат со надлежниот сектор, задолженото лице, при што се овозможува правилно адресирање на проблемот и негово брзо решавање.
Освен директната комуникација со локалната самоуправа, апликацијата нуди можност за поврзување со сите корисници на мобилната апликација, како и поврзување со социјалните медиуми.

мЗаедница е дел од проектот “Вклучена младина за м-партиципација”, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а го реализира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.
Сè на сè, се работи за интересна иницијатива за поголема вклученост на граѓаните во акциите на нивната општина, со што, теоретски, директно би влијаеле на непосредното подобрување на нивниот животен простор. Иако во делот на коментарите се укажува на неколку проблеми со апликацијата, се надеваме дека авторите редовно ќе ја ажурираат и ќе ги отстранат, а што се однесува до задолжените лица во локалната самоуправа, се надеваме дека известувањата од апликацијата ќе ги земаат предвид сериозно и дека ќе делуваат согласно со потребите на граѓаните.

мЗаедница е достапна за уредите IOS и Android, а како средство за комуникација се користи во општината Карпош во Скопје.

Клучни зборови: