За првпат досега, машината за перење е посочена како резервоар на патогени бактерии отпорни на повеќето современи лекови. Патогените микроорганизми, за чиешто ширење како изворишна точка била посочена машина за перење, биле клон на Klebsiella oxytoca. Случајот е регистриран во една германска детска болница, каде што бактериите повеќепати биле пренесувани на новороденчињата сместени во одделението за неонатална интензивна нега. Разнесувањето на патогените било запрено дури откако машината за перење физички била отстранета од болницата. Случајот и истражувањето поврзано со него оваа недела е објавен во журналот Applied and Environmental Microbiology.
Како што изјави и еден од авторите на трудот, докторот на науки Рикарда М. Шмитхаусен, “се работи за многу необичен случај за една болница, особено што е користена обична машина за перење, каква што се користи во домаќинствата“. Согласно Германскиот правилник за хигиена на болниците, болниците вообичаено користат специјални машини за перење и процеси за перење што се одвиваат на високи температури, притоа користејќи средства за дезинфекција.
Како што укажува Шмитхаузен, којашто е ангажирана во германскиот Институт за хигиена и јавно здравје, Центарот за соработка со СЗО, како и во Универзитетската болница при Универзитетот во Бон, спроведено истражувањето има импликации за употребата на домашните перални. Температурите на водата што се користат кај циклусите за перење кај домашните перални, во интерес на енергетската ефикасност, сè почесто се намалуваат, со цел да се заштеди електричната енергија. Но, температурите под 60°C веќе се помалку смртоносни за патогените микроорганизми, па така тие можат да го преживеат процесот кај домашните машини за перење кои работат на намалени температури, како што укажува извештајот од истражувањето.
Во болницата каде што машината за перење го пренесе патогенот Klebsiella oxytoca, вообичаените процедури за скрининг откриле присуство на патогени микроорганизми кај новороденчиња сместени во одделот за интензивна нега. Откако претходно не успеале да откријат загадување во инкубаторите, ниту пак да пронајдат преносител помеѓу здравствените работници кои биле во контакт со новороденчињата, истражувачите конечно го лоцирале изворот на патогени во машината за перење.
Новороденчињата биле сместени во одделот за Интензивна нега, во најголем дел поради предвремено раѓање или поради друга, неповрзана инфекција. Облеката со помош на која Klebsiella oxytoca се пренела од пералната до новороденчињата, се состоела од капчиња и чорапчиња што биле користени за да им помогнат на бебињата да се загреат во инкубаторите.
Истражувачите претпоставуваат дека патогените микроорганизми “биле дистрибуирани на облеката по процесот на перење, преку водата што останала “заглавена” во гумата од пералната или при финалниот процес на плакнење, при којшто незагреана вода, без детергент, поминува низ делот наменет за ставање прашок". Ова длабоко ја компромитира санитарната ефикасност на дизајнот на современите перални, како и перењето алишта на ниски температури. Студијата истакнува дека се потребни промени во дизајнот и во процесот на работа на машинините за перење за да се спречи акумулацијата на заостаната вода во којашто може да се појави микробиолошки раст и да се загади облеката.
Сепак, сè уште останува нејасно како и преку кој извор патогените микроорганизми влегле во машината за перење.
За среќа, доенчињата во единиците за интензивна нега биле колонизирани, но не и заразени од патогенот Klebsiella oxytoca. Колонизацијата значи дека патогените микроорганизми се безопасно присутни, односно дека или сè уште не ги нападнале ткивата каде што можат да предизвикаат болест или, пак, имунолошкиот систем ефикасно ги спречува да го направат тоа.
Отпорноста на K. oxytoca на повеќе лекови е предизвикана од проширениот спектар на бета-лактамази (ESBL). Овие ензими ги оневозможуваат антибиотиците наречени бета лактами. Најчести видови бактерии што произведуваат ESBL се ешерихија коли (E. coli) и бактериите од родот клебсиела (Klebsiella).