За квалитетен поглед кон ноќното небо, освен добри метеоролошки услови и помало светлинско загадување, не треба многу. Доволен е и почетнички телескоп од поевтината класа, со објектив од 100 mm, или поголем.
Галаксијата Андромеда, поинаку позната под називот M31, е најблиска галаксија до нашата галаксија Млечен Пат, а е поголема од него. Од нас е оддалечена 2,5 милиони светлински години, а до пред околу едно столетие се сметаше за единствена галаксија во универзумот, покрај нашата. Андромеда може да ја видите и со голо око, како мала, бледа, заматена дамка во истоименото соѕвездие. Според последните проценки, Андромеда има околу 1 билион (1012) ѕвезди, што е многу повеќе од вкупниот број ѕвезди во Млечниот Пат, па така таа најверојатно е и најмасивната галаксија во нашата Локална Група.
Дали еден ден нашата галаксија Млечен Пат ќе се судри со својот поголем најблизок сосед, галаксијата Андромеда? На ова прашање научниците од НАСА одговараат со "ДА", врз основа на многу податоци добиени од орбиталниот телескоп Хабл и од компјутерски симулации. Но, без грижа, ова нема да се случи ниту денес, ниту утре, ниту пак во некоја непосредно скора иднина, а за тоа време поголеми се шансите да нè снема во некоја друга катастрофа како удар од астероид, комета, изблик на гама зрачење или, исто така неспорно, да нè проголта нашето Сонце.
За галаксијата Андромеда имаме пишувано во повеќе наврати и прилики, за што може да се уверите тука. Оваа прилика ја издвојуваме за повторно да ја пофалиме вештината на астрономите-аматери, коишто со своите скромни уреди успеваат да направат астрофотографии кои можат да се мерат и со оние направени со помош на врвните професионални телескопи. Во прилог ви ја даваме фотографијата направена од Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво. На фотографијата доминира Галаксијата Андромеда, М31, додека покрај неа лесно се забележливи двете помали сателитски галаксии М32 (горе лево) и М110 (долу десно). Галаксиите, како и Андромеда, му припаѓаат на нашето локално галактичко јато.
Фотографијата е направена со 22 експозиции во траење од 1 минута, со помош на телескоп Celestron 8 Edge HD, користен е редуктор 0,63, монтажа CGEM, водење MGEN.