Пред појавата на интернетот радиоаматерите биле единствените кои што имале можност секојдневно да комуницираат со лица од целиот свет. Во денешно време и покрај тоа што на интернет се приклучени стотици милиони луѓе, магијата на радиоаматерските комуникации и натаму останува.
Радиоаматеризмот е хоби на аматерско бавење со радиокомуникациите и радиотехниката заради истражување од лично задоволство и без мотив за остварување на лична материјално-финансиска корист. Радиоаматерските активности се многубројни, но вообичаено прва претстава за овој поим е одржувањето радиоврски со радиоаматери од целиот свет.
Почетоците на радиоаматеризмот датираат од последната деценија на деветнаесетиот век. Во денешно време со радиоаматеризам се занимаваат неколку милиони луѓе од најразлична возраст, од сите континенти и од речиси сите земји. Во Република Македонија има неколку стотини радиоаматери кои што се здружени во Радиоаматерски сојуз на Македонија (РСМ), којшто е основан уште во далечната 1946 година.
Радиоаматер може да биде секој, без разлика на пол, возраст, раса, етничка припадност и занимање. Меѓу радиоаматерите има наставници, лекари, инженери, продавачи, земјоделци, таксисти, правници, службеници, воени лица, полицајци, електричари, ученици, студенти, свештеници, политичари, новинари, актери, музичари, занаетчии, домаќинки, пензионери, по некој претседател на држава, крал, шеик и др. Услов за бавење со радиоаматеризам е да се има положено стручен испит за некоја од радиоаматерските специјалности, како и да се поседува соодветна техничка опрема. Аматерските радиооператори при полагањето се тестираат за познавањата на основите на електрониката и регулативата од областа на радиосообраќајот. Изучувањето на морзеовата азбука веќе не е услов за да се стане радиоаматерски оператор, но овој вид емисија и натаму е многу застапена на радиоаматерските фреквентни опсези.
Радиоаматерите употребуваат претходно определен радиофреквенциски спектар за некомерцијална размена на пораки, со цел лична рекреација, екпериментирање со безжичните комуникации, самотренинг, како и аматерска радиослужба, која овозможува комуникации во вонредни околности т.н. радиомрежа за опасност (РМЗО). Работата на радиоаматерските станици на меѓународно ниво е координирана од страна на Меѓународната унија за телекомуникации (ИТУ), додека одобренијата за работа се издаваат од страна на надлежен државен орган кој што ги определува техничките услови за работа и воедно на радиоаматерските станици им доделува повикувачки знаци за идентификација. Во Република Македонија одобрение за користење на радиофреквенции во радиоаматерска служба издава Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Со просечно опремена радиоаматерска кусобранова станица може да се одржат радиоврски со станици од сите континенти. Радиоврски можат да се одржуваат и со локални радиоаматерски станици преку репетиторска мрежа, но и далечни врски на УКБ или повисоките фрекветни опсези со посредство на сателити, како и со одбивање на сигналот од метеорски роеви или од површината на Месечината.
Во радиоаматерските комуникации може да се користи пренос на говор, морзеови знаци, слика и друг вид дигитални видови емисии. Најчест јазик на којшто се комуницира е англискиот, но може да се употребува кој било друг јазик на којшто радиоаматерите можат меѓусебно да се разберат.
За бавење со радиоаматеризам согласно индивидуалните желби, можности и потреби, треба да се одвојат средства колку и за секое друго хоби. Користењето на аматерските радиофреквенции е бесплатно. Набавувањето на користени радиоаматерски уреди може да чини исто колку и набавка на нов мобилен телефонски апарат, додека за набавката на нови, современи радиоаматерски радиоуреди и антенски системи, треба да се издвојат средства колку и за купување на подобар лап-топ компјутер. Се разбира дека има радиоуреди и антенски системи што можат да достигнат цена колку и нов автомобил. Радиоаматерската опрема може да биде и самоградба, со што значително се намалуваат трошоците на чинење.
Радиоаматерските уреди најчесто се индустриски произведени и истите можат да бидат рачни, со големина на “токи-воки”, понатаму компактни радиоуреди, со големина колку радио за во автомобил, што се употребуваат во мобилни услови или од издвоена локација, како и базни радиоуреди, со големина колку постарите видеорикордери, коишто се употребуваат за постојани инсталации во домови или радиоклубови.
Радиоаматерските антени се од најразлични видови и големини, почнувајќи од мали спирални антени на рачните радиостаници, вертикални антени нешто поголеми од антените за автомобил, повеќе елементни антени со облик и големина слична како и надворешните телевизиски антени, понатаму жица со произволна должина, прилагодена преку антенски приспособувач, дипол антена, направена од жица со должина од неколку метра до неколку десетина метри, поголеми повеќе елементни антени, што се употребуваат на КБ-опсезите, а изгледаат како “џиновски ТВ-антени” поставени на високи столбови, и др. Радиоматерите многу често самите ги конструираат и ги поставуваат своите антенски системи и тие се област во којашто најмогу експериментираат.
Радиоаматерските комуниции можат да се комбинираат со други видови активности, како што се планинарење, параглајдерство, спортско пилотирање, извидништво, кампување, летување, зимување, научни и друг вид експедиции, пловење, дури и со престој во вселенска станица.
Еден од основните белези на радиоаматерите е тоа што тие постојано експериментираат и тоа не само во потесната област на радиотехниката, туку и во други области кои имаат значење за нивните основни активности, на пример истражување на феномените при простирањето на електромагнетните бранови и сл.
При преносот на радиосигналот влијаат многу природни феномени, со што се зголемува комплексноста и занимливоста на овој вид комуникација. Во фокусот на радиоаматерските комуникации е самата радиокомуникација и нејзините феномени, што не е случај со интернетот кој за неговите корисници најчесто е само средство за комуникција без притоа да се занимаваат со неговите технички аспекти. Во секојдневните радиоаматерски комуникации не е примарна содржината на пренесените пораки, туку самиот начин на безжичен пренос.
Поширокото општествено значење на радиоаматеризмот се докажува уште од самите почетоци на оваа активност со иновативноста на радиоаматерите и нивниот допринос во развојот на радиотехниката, како и заради незменливата улога на радиоаматерите во воспоставувањето на радиокомуникации во вонредни околности.
На многумина занимавањето со радиоаматеризам им помогнало да се одлучат за свој професионален ангажман токму од областа на радиотехниката или радиокомуникациите. Не е мал бројот на радиоаматерите кои што истовремено се врвни професионалци во областа на електрониката, радиокомуникациите, информатичката технологија и други технички области.
Со текот на времето радиоаматеризмот претрпувал промени главно сврзани со развојот на технологијата, но неговата суштина останала иста.