Некои видови канцерни клетки при третманот за лечење преоѓаат во состојба на хибернација.
Лековите за рак на дојка може да ги присилат некои од клетките на ракот да прејдат во состојба на хибернација, односно во своевиден “заспан режим“. Оваа состојба овозможува тие потенцијално да се вратат “во живот” дури и повеќе години по првичниот третман. Вака барем вели истражувачкиот тим од Империал колеџот во Лондон, Велика Британија.
Во испитувањето на клетки во раната фаза, тие лабораториски проучиле околу 50 000 човечки клетки од карциноми на дојка . Притоа откриле дека по нивното изложување на хормонски третман, мал дел од нив запаѓале во состојба слична на хибернација.
Според научниците, токму овие “заспани клетки“ може да дадат увид во тоа зошто некои клетки на ракот на дојка стануваат отпорни на третманот, предизвикувајќи лековите на пациентот да престанат да функционираат и да дојде до враќање на болеста, односно активација на карциномот.
Како што вели еден од авторите на трудот, Лука Мањани: “Долго време, научниците дебатираа за тоа дали хормонските терапии – коишто се многу ефикасен третман и спасуваат милиони животи – функционираат на тој начин што ги убиваат клетките на ракот на дојка и дали овие лекови поттикнуваат хибернетска состојба кај нив“.
Прашањето е од особена важност имајќи предвид дека хормонските терапии се користат за сузбивање на повеќето видови карциноми на дојка.
Според научниците, нивните откритија укажуваат на тоа дека лековите може да елиминираат некои од клетките и да предизвикаат, кај дел од нив, преоѓање во состојба на хибернација. Доколку при натамошните истражувања се открие зошто и како се одвива овој процес на настанување на “заспани клетки”, би можеле да очекуваме дека наскоро потоа би можел да се изнајде и начин за да се спречи враќањето на болеста. Ова би се постигнало со одржување на овие клетки во состојба на постојана ремисија, односно хибернација, или пак, би се изнашол начин за нивно насилно будење и елиминација.
Истражувањето беше објавено неодамна во Nature Communications.