Рубрика: Индустриски дизајн
Камелеонска преобразба на објектите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.09.2019 - 10:00

Сакате да купите патики, масичка, мебел, па можеби и автомобил во одредена боја, а во понудата отсуствува токму вашиот фаворит. Не очајувајте, се чини дека наскоро ќе можете самите да ја “исправите“ оваа грешка.

Истражувачкиот тим од CSAIL, лабораторија за компјутерска наука и вештачка интелигенција на МИТ, нè доближува до ваквата “камелеонска“ можност за објектите. Имено, тие претставија нов систем којшто користи мастило што им овозможува на објектите да ги менуваат боите при изложување на ултравиолетова и на видлива светлина.

Системот наречен ФотоКромелеон (PhotoChromeleon) користи мешавина од фотохроматски бои што може да се нанесат со спреј или со четка врз површината на кој било предмет што треба да ја промени неговата боја. Притоа, процесот е целосно реверзибилен и може да се повтори бесконечно многу пати.

ФотоКромелеон може да се употреби на речиси секој предмет – од чевли, патики, маска за телефон, па сè до велосипед или автомобил што сакаме да го подновиме. Бојата на променетите предмети е отпорна и останува иста и при нивното секојдневно користење.

Како што посочува Јухуа Џин од CSAIL, водечкиот автор на трудот што произлезе од ова истражување: “Корисниците би можеле секојдневно да ги персонализираат своите предмети и изглед, без повеќепати да го купуваат истиот предмет во различни бои и стилови

ФотоКромелеон се наодврзува на работата од претходниот систем на тимот, КолорМод (ColorMod), кој користи 3Д-печатач за создавање предмети што можат да ја променат нивната боја. Незадоволни од ограничувањата присутни кај овој проект, како што е малата шема на бои и ниската резолуција на принтот, тимот решил да се впушти во потенцијално подобрување на системот.

Имено, кај КолорМод печатењето се одвива засебно за секој пиксел од предметот, така што крајниот резултат е зрнесто обоена површина. Што се однесува до боите, со тој систем секој пиксел од предметот може да има само две состојби – проѕирен и обоен. Притоа, кога сината боја се активира, може да премине од сина во проѕирна, додека жолтата боја останува иста. За разлика од ова, со системот на ФотоКромелеон можете да направите речиси сè – од зебрест дезен до прекрасен пејзаж или разнобоен оган, бидејќи системот користи поголем спектар на бои.

Мастилото е формирано со мешање на три од основните бои за печатење (CMY) – цијан (сина), магента (црвена) и жолта. Фотохроматските бои се мешаат во единствен раствор за нанесување, со што се елиминира потребата од макотрпно 3Д-печатење на индивидуалните пиксели. Со анализа на начинот на којшто секоја од боите се однесува при изложување на светлина со различна бранова должина, тимот бил во можност да го контролира секој канал во бојата со активирање и деактивирање на соодветните светлински извори.

Поточно, тие користеле три различни светлини со различни бранови должини, за одделно елиминирање на секоја од основните бои. Така, на пример, при користење на сина светлина, таа претежно се апсорбира од жолтата боја којашто притоа се деактивира, но затоа остануваат магентата и цијанот, што резултира со обоеност во сино. Ако се користи зелена светлина, оваа светлина најмногу се апсорбира од магентата којашто притоа се деактивира, по што остануваат боите жолта и цијан, што резултира со зелена боја.

Ова ја прави примената на ова решение прилично едноставна – по премачкувањето на предметот со растворот, корисникот едноставно го става предметот во кутија со проектор и светлински извор на УВ-светлина. Проекторот ја проектира колор сликата врз предметот, а со интензитетот на УВ-светлината се постигнува контрола на заситувањето на боите од целосно заситување до транспарентно. Откако светлината ќе ги активира боите, се појавува новиот дезен. Ако не сте задоволни со дизајнот, сè што треба да направите е предметот повторно да се изложи на УВ-светлина, со што се брише записот и процесот на боење може одново да започне.

Тимот од МИТ исто така создал и кориснички интерфејс за автоматска обработка на различните дизајни и шеми што ќе се нанесуваат на избраните објекти. Корисникот го вчитува својот дезен, а програмата го генерира мапирањето врз предметот пред светлината да ја одработи својата магија.

Тимот го тестираше системот на автомобилски модел, маска за мобилен телефон, чевли и еден мал камелеон, играчка се разбира ;) Во зависност од формата и ориентацијата на објектот, процесот трае некаде од 15 до 40 минути, а обрасците имаат големa резолуциja и може успешно да се избришат кога и да посакате.

Но, иако со ФотоКромелеон е застапен поширок спектар од бои, сепак неговата хроматска шема е ограничена. Така, на пример, тимот не успел да добие интензивни бои на магента или цијан, па морал да се задоволи со најблиската боја. Токму затоа, во понатамошните истражувања планирана е понатамошна соработка со научниците-технолози за материјали, со чијашто помош се надеваат дека ќе се коригираат недостатоците на процесот .

Клучни зборови: