Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ајнштајновата теорија и двојните пулсари
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 10.09.2019 - 13:00

Уметничка визија на двојниот пулсар PSRJ 109+0746

Пулсарите се вид неутронски ѕвезди, односно згуснати остатоци од ѕвезди што откако го истрошиле сето свое нуклеарно гориво, под дејство на сопствената гравитација, колабирале до состојба во којашто неутроните од нивните атомски јадра меѓусебно се допираат, па оттука се познати и како неутронски ѕвезди.

Овие објекти се згуснати до таа мера што нивната маса, којашто изнесува приближно колку една Сончева маса, е збиена во тело со пречник од само 10 – 12 km. Поради толку малиот пречник, согласно со законот за запазување на ротацискиот момент, тие ротираат околу себе со голема брзина, постигнувајќи дури и стотина вртежи во секунда. При ротацијата, овие објекти од своите магнетски полови емитуваат снопови од силни електромагнетски зраци во радиоподрачјето, па оттука потекнува и нивниот назив пулсари. Ако оската на нивното магнетското поле е наведната под извесен агол во однос на рамнината на нивната ротација, снопот од емитувани електромагнетски зраци може да се забележи на Земјата во облик на континуирани периодични импулси, налик на светлински импулси од ротирачки светилник.

Еден таков сигнал, емитуван од пулсарот PSRJ 1906+0746, оддалечен 20 000 светлински години од Земјата, астрономите го следеле повеќе од една деценија. Се работи за еден невообичаен објект, т.н. двоен пулсар, составен од две спрегнати неутронски ѕвезди кои орбитираат една околу друга. Во таквите двојни системи, само едниот од објектите може да биде пулсар. Сега доаѓа најбитното. Според Ајнштајновата Теорија за релативитетот, доколку пулсарот орбитира во рамнина којашто не се совпаѓа со рамнината на орбитирање на системот, тој ќе има и дополнително движење т.н. прецесија, којашто претставува кружно, конусно вртење на аголот на неговата оска околу којашто тој ротира. Дејството на прецесијата врз зрачењето од некој пулсар во основа е прикажано на сликата во прилог.

Со жолта боја е прикажан случај кога зракот од пулсарот точно ја погодува Земјата, а со зелена боја е покажан случај кога, поради прецесијата на оската на ротација, емитуваниот зрак го променил аголот на простирање, така што веќе не ја погодува Земјата. Во конкретниот случај, доколку кај пулсарот PSRJ 1906+074 постои наведеното дополнително движење пресеција, тој постепено ќе го менува аголот на насоката на неговото зрачење, па ако тоа зрачење ја погодува Земјата, би требало да се забележи постепена промена на аголот на примениот сигнал. Според астрономите, тоа и се случува. Имено, следејќи го континуирано сигналот од наведениот пулсар, тие забележале континуирано зголемување на присуство на страничните сегменти од емитираниот зрак, лесно препознатливи според различната спектрална структура споредено со структурата на централниот дел на зракот. Тоа им овозможило на астрономите да ја мапираат структурата на ова зрачење и да ја утврдат стапката на кружното конусно вртење на оската на ротација (прецесијата) на наведениот пулсар. Таа изнесува  2,2°. Според таа стапка пресметале дека емитуваното зрачење ќе престане да ја погодува Земјата во 2028 година.

Ете, со ова се докажа прецесионото однесување на двојните пулсари, предвидено во Ајштајновата Општа теорија за релативитетот, а со тоа научниците добиле нови сознанија за природата на овој тип објекти. 

Извештајот е објавен деновиве во научното списание Science.

Клучни зборови:
Уметничка визија на двојниот пулсар PSRJ 109+0746

Уметничка визија на двојниот пулсар PSRJ 109+0746

Уметнички приказ на дејството на прецесијата на некој пулсар

Уметнички приказ на дејството на прецесијата на некој пулсар