Во астрономијата постојано се присутни нови научни откритија. Најновото откритие на астрономите гласи: “идентификувани се галаксии, т.н. темни галаксии, со потекло од најраниот животен период на универзумот”, односно од периодот само 1,5 – 2 милијарди години од почетокот на универзумот по Големата експлозија (Big Bang)".
Да се потсетиме, според современите научни сознанија универзумот датира од пред околу 13,8 милијарди години, што значи дека наведените идентификувани темни галаксии потекнуваат од пред 11,8 милијарди години. Интересен е начинот на којшто тие се откриени. Со оглед на тоа што во времето на нивниот настанок универзумот сè уште не бил проѕирен, новооткриените галаксии биле завиткани во облаци од прашина, што ги правела оптички невидливи со постоечките оптички телескопи, со кои космосот се набљудува во видливото светлинско фреквентно подрачје, па оттука наведените откриени галаксии се именувани како темни галаксии.
Па како тогаш тие се откриени ако се невидливи? Тие се откриени со набљудување не во оптичкото светлинско подрачје, туку со идентификација на нивната електромагнетската радијација во одредено подрачје во спектарот на радијацијата, кое лежи во субмилиметарска бранова должина во интервал помеѓу 9,6-0,3 mm (31-1 000 GHz). Таквата опсервација е реализирана со опсерваторијата ALMA (Atacama Large Milimetar/submilimetar Array), единствено способна за таква дејност. Опсерваторијата е лоцирана во пустината Атакама во Чиле, на височина од 5 000 m, а се состои од вкупно 66 радиотелескопи поврзани во единствен интерферометарски систем. Накусо објаснето, таков систем образуваат повеќе приемни сегменти впрегнати во единствена целина, што на системот му обезбедува висока резолуција. Ефектот од таквото набљудување видливо е покажан на сликата подолу. Имено, на левата страна од сликата се прикажани четири локации каде што лежат новооткриените темни галаксии, невидливи во оптичкото подрачје, а на десната страна на сликата се прикажани истите галаксии откако биле набљудувани во наведеното субмилиметарско фреквентно подрачје, содржано во спектарот од нивната електромагнетска радијација.
Научниците проценуваат дека овие темни галаксии имаат вообичаена големина на нивната маса, еднаква на масата од околу 40 милијарди Сонца и дека создаваат по 200 нови “Сонца” годишно. Така големите маси на темните галаксии ги изненадија научниците, имајќи го предвид тоа што тие сметаа дека димензиите на галаксиите што ги знаеме денес се резултат на соединување на повеќе помали галаксии кои постоеле претходно.
Откритието е објавено на 7 август годинава во научното списание Nature и според научниците тоа ќе има значаен удел во подобро разбирање на природата на најраниот универзум.