Сликите од космичките објекти – ѕвездите, планетите, месечините... – вообичаено е да се покажуваат со Северниот пол нагоре, Јужниот пол надолу, и со екваторот во средина, помеѓу нив. Меѓутоа првата слика, којашто ја гледаме во прилог подолу, а која покажува дел од површината на Марс, е исклучок.
Имено, на неа редоследот на подрачјата е обратен; Северниот пол е на најдолниот дел од сликата, а на најгорниот дел е екваторскиот појас, додека Јужниот пол е надвор од сликата бидејќи е над екваторскиот дел! Зошто е прикажано така? Бидејќи фотографијата е направена од орбитерот Марс експрес (Mars Express) на Европската вселенска агенција (ESA), кој веќе една деценија кружи околу Црвената Планета по многу специфична орбита; имено, неговата орбита поминува над половите на Марс, па тој периодично ги надлетува.
При едно такво надлетување од север кон југ, орбитерот ја направил наведената “свртена” фотографија, но тоа воопшто не пречи, бидејќи се знае точниот редослед на регионите покажани на сликата. Битно беше да се постигне рекордно големо “покривање” на површината на планетата со квалитетна фотографија, па за таа цел, употребена е висококвалитетна стерео камера која содржи 9 канали со многу висока резолуција, соодветно калибрирани да покриваат широк агол. Во тоа се успеа, големината на “покриената” површина убаво се гледа на втората слика, дадена и во прилог подолу, а ние накусо ќе се осврнеме на некои интересни детали што се гледаат на неа!
Ќе започнеме од најдолниот дел на сликата. На него, во сенка се препознава Марсовата северна поларна капа. Познато е дека таа е составена од лед од замрзната вода (H2O), замрзнат јаглерод диоксид (CO2) и прашина. Снимката е направена во време на почетокот на Марсовото лето, значи во почетокот на трансформацијата на ледот од цврста во гасовита состојба (испарување). Од тогаш, Марсовата атмосфера започнува да се “збогатува” со водена компонента и со CO2, кои постепено, перманентно циркулираат кон јужните региони. Но, во зимскиот период е обратно. Имено, водената пареа H2O и гасот CO2 повторно се замрзнуваат и така ја регенерираат Марсовата северна поларна капа. Циклусот периодично се повторува.
Во погорниот дел на сликата го гледаме регионот наречен Тарзис (Tharsis), којшто е издигнат околу 5 km над просечната површина на планетата, а покрива површина поголема од површината на континентот Европа на Земјата. Близу долниот раб на наведениот регион го гледаме вулканското окно Alba Mons, кое има височина од “само” 6 km, но по обем е со најголема широчина во однос на сите други вулкански окна на Марс. Над него, во уште погорниот дел, се препознаваат уште некои вулкански кратери, нивните локации се прикажани на сликата во прилог. Тие кратери се: Tharsis Tholus, Uranius Mons и Ascraeus Mons, највисокиот од нив со височина од 15 km. Но, сепак, тој не е највисокиот Марсов кратер, туку највисок е кратерот Olympus Mons, висок 22 km, што значи повисок е за цели 2,5 пати од највисоката точка на Земјата, врвот Монт Еверест на Хималаите. Но, наведениот највисок Марсов кратер е надвор од “покриената” видливата површина, па неговата локација на сликата ја гледаме горе-десно од назначената “покриена” површина. За споредба, неговиот “ривал” на Земјата, вулканскиот кратер Мауна Кеа на Хаваите, е висок само 4,2 km надморска височина, но, за утеха, ако неговата височина не се мери од морското ниво, туку од нивото на океанското дно на околниот терен околу него, височината тогаш му изнесува 10 km.
Големина на “покриената” површина прикажана на претходната слика
Според височините на вулканските кратери на Марс, заклучуваме дека вулканската активност во минатото била поинтензивна на Марс отколку истата на Земјата.