Сè уште не се стивнати емоциите од успешното принудно слетување на храбриот руски пилот Јусупов во пченка. Искрено, ги чекав официјалните извештаи за дефектот на авионот за да опишам што точно се случило. Честопати по некои авио несреќи пилотот во прв момент се прогласува за јунак за потоа при истрагата да се утврдат многу грешки. Но, по споделувањето на ангенциската вест од еден од најдобрите македонски пилоти, искусниот Стевче Стефановски, дилеми немаше.
Капетанот Дамир Јусупов и копилотот Георгиј Мурзин од Компанијата “Уралски компании“ имале навидум сосема обично и рутинско полетување од Московскиот аеродром во правец кон Симферпол на Крим. Сè било во ред со летот, сè до моментот кога влетале во јато галеби. Од тој момент започнала вонредната постапка поради тоа што биле оштетени моторите на авионот Ербас А321. Капетанот во вистински момент направил максимално правилна проценка и одлучил да слета во блиската нива со пченка. Врвната техника на пилотирање, правилната и навремена одлука да слета со вовлечен стоен трап (тркала), овозможила да бидат спасени 226 патници и 7 членови на екипажот. Секако клучна улога одиграле и останатите членови на екипажот кои веднаш по принудното слетување организирале брзо евакуирање на патниците и извлекување на повредените патниците до санитетските возила и лекарските екипи кои биле веќе на терен. Во најблиската болница биле примени на лекување 23 патници, додека властите информираа дека имало вкупно 55 повредени лица.
Во мојата воздухопловна кариера сум имал две прилики да седам на местото набљудувач (observer) во пилотска кабина. Првпат на авион од моделот DC 10 при слетување во Детроит, САД, и вторпат при лет во авион од типот Боинг 727 со капетанот-инструктор Стево А. Стефановски, пред кого што еден кандидат полагаше капетански испит. Тогаш, преку следење на летот од полетувањето од Белград сè до слетувањето во Скопје, лично видов, слушнав и се уверив што значи одлична обука. Капетанот Дамир Јусупов имал подеднакво врвна практична обука и обука на симулатор, каде се разработуваат сите елементи при нормален лет, но уште поважно, се учат и увежбуваат постапките за вонредни услови.
Еден професионален пилот еднаш ми напомена: “Кај повеќемоторните авиони обуката е особено сложена, бидејќи се разработуваат сценарија за отказ на еден, два или повеќе мотори”. Во случајот моторите работеле делумно, но капетанот Јусупов ги исклучил пред слетување, за да ја избегне опасноста од запалување на авионот особено што резервоарите за гориво веројатно биле полни. Всушност, рутински смирено, направил сè како се обучувал, што резултирало со спасување на сите патници.
Слетувањето и вонредната постапка на екипажот, на пилотот и на копилотот, ја споредуваат со инцидентот од 2009 година подоцна именуван како “Чудото од Хадсон“, кога авион од типот Ербас А320, со којшто пилотирале капетанот Челси Саленберг и копилотот Џефри Скајл, на сличен начин со вовлечен стоен трап слета во реката Хадсон во Њујорк. И во тој случај моторите откажале поради влетување во јато птици, при што се случил сличен дефект на моторите.
За извонредната храброст капетанот, копилотот и членовите на екипажот биле одликувани со највисоките признанија од претседателот на Русија, Владимир Путин, а како што дознав деновиве, на повеќе фудбалски натпревари почениот удар на топката од белата точка бил поканет да го изведе капетанот Дамир Јусупов, во присуство на останатите членови од екипажот.
Деновиве стигнаа вести за уште две авионски несреќи со среќен крај, при што во едната прилика авионот на сличен начин слетал во океан, додека во другата запален авион слетал на авионска писта. Како и во претходно споменатите случки и овојпат немало загуба на човечки животи.
Читајќи ја книгата “Човечкиот фактор при авионските несреќи“, сфатив колку човекот е несовршено суштество, но со вистинска обука и психофизичка подготовка, тој сепак е неколку чекори пред компјутерите на современите авиони. Впрочем, тоа повеќепати го потврдиле и врвните стручни лица, истражувачи на авионски несреќи, чијашто дел од работата имаме можност да проследиме во серијалот за авионски несреќи што се емитува на National Geographic.