Рубрика: Информатика
По Harmony OS доаѓа Мап кит од Хуавеи
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 22.08.2019 - 14:45

Потегот на Хуавеи доаѓа откако минатата недела ја претстави својата нова платформа HarmonyOS. Како што и претходно пишувавме (тука), Хармони е наменет да биде план Б, во случај да не е во можност да се користи Android заради забраната за трговија од страна на САД.

По промоцијата на новиот оперативен систем, во октомври се планира и преставување на сопствен сервис за мапирање, сè во случај американската Влада да го забрани и користењето на Google Maps за паметните телефони од Хуавеи. Услугата за мапирање на Huawei, позната како Maп Кит, нема да има можност за директно  користење, но треба да ги охрабри програмерите во создавањето апликации засновани на нејзините можности.

Во сенка на случувањата со забраната за трговија и опасноста којашто демне од прекинот на достапноста на услугите од Google, домашното решение на Хуавеи се чини како разумна одлука.

Map Kit во HarmonyOS, треба да претставува замена и за мапирање во апликациите од трети лица, во коишто се врши геоозначување на податоците (на пр. во WhatsApp). Овој чекор е од пресудно значење за Хуавеи да ја одржи популарноста на своите паметни телефони на меѓународниот пазар, особено ако се има предвид дека повеќе од половина од апликациите за мобилни телефони се потпираат на можностите за мапирање.

Извршниот директор на телекомуникациската индустрија, Шјанг Лиганг, за кинескиот печат изјавил дека Хуавеи ќе ги засили своите напори за мапирање користејќи ја веќе постоечката инфраструктура. На крајот на краиштата, фирмата има базни станици на околу 160 пазари и, теоретски, би можела да ја користи оваа технологија за подобрување на точноста на мапирањето.

Huawei Map kit, би требало да понуди и известувања за условите во сообраќајот во реално време, препознавање на промената на лентата, како и многу софистициран навигациски систем којшто ќе може да врши препознавање на трасата на патот. Исто така, се најавува и овозможување на услуги за мапирање со подобрена реалност (augmented reality). Според компанијата, услугата ќе биде достапна на 40 јазици, а треба да се започне во октомври.

Мап Кит ќе биде поврзан со локалните сервиси за мапирање и ќе покрива околу 150 земји и региони. Американската интернет-страница за резервација на сместување Booking holdings, најавила дека ќе биде една од софтверските компании, партнери на Huawei во областа на мапирањето.

Почнувајќи од крајот на јули, некои американски добавувачи ја продолжиле соработката со Хуавеи, но кинеската компанија сè уште нема пристап до клучните американски технологии, пред сè до услугите за ажурирање на оперативниот систем на Google, Андроид и Google Map, за своите паметни телефони.

Она што вреди да се знае е дека Map Kit нема да е единствената алтернатива на Google map за корисниците на уреди од Хуавеи. Тука се и веќе постоечките сервиси на Мајкрософт, Гармин и Апл, на пример, – Bing Maps, HERE WeGo, Apple maps...

Клучни зборови: