Потенцијалната замена за Android пристигнува?
По една година развој и неколку месеци гласини, на годишната конференција за девелопери во Кина која се одржа минатата недела Huawei и официјално го престави сопствениот оперативен систем, под името Harmony OS.
Главниот извршен директор на Хуавеи, Ричард Ју, тврди дека Хармони е “сосема различeн“ од оперативните системи на Епл (iOS) и Гугл (Андроид). Тој кажа дека потрошувачите очекуваат “холистичко интелигентно искуство на сите уреди“ и вети дека оперативниот систем Хармони ќе ги исполни очекувањата.
Новата платформа, за која и порано се предлагаше да го носи името Hongmeng OS, го преставува “првиот дистрибуиран оперативен систем, заснован на микрокернел, наменет за сите сценарија“. Вака барем звучи описот за новиот софтвер даден од Ричард Ју, ЦЕО-то на Хуавеи. Harmony OS ќе има широк спектар на употреба на повеќе видови уреди, вклучувајќи паметни звучници, паметни часовници, безжични слушалки и секако телефони и таблети.
“За да го овозможиме ова, сметавме дека е важно да имаме оперативен систем со подобрени можности за употреба на повеќе платформи. Ни требаше оперативен систем што ги поддржува сите сценарија, што ќе може да се користи во широк спектар на уреди и платформи, и што може да одговори на побарувачката на потрошувачите за ниска латентност и силна безбедност “, – појасни Ричард Ју.
Новиот микрокернелски оперативен систем е дизајниран да обезбеди "непречено искуство“, обезбедувајќи им на девелоперите можност да ги дизајнираат своите апликации еднаш, а „потоа флексибилно да ги распоредат на низа различни уреди“. Микрокернелот го претставува приближно минималното количество софтвер потребно за правилно работење на еден оперативен систем. Основната идеологија на микрокернел архитектурата е да се задржи кернелот што е можно помал.
Според Huawei, оперативниот систем има четири различни технички карактеристики:
• Беспрекорен – Хармони е првиот оперативен систем за уреди со дистрибуирана архитектура, обезбедувајќи беспрекорно искуство независно од уредот на којшто се употребува
• Мазен – Детерминистички латентен енџин и IPC. Овој тип енџин ги одредува однапред приоритетите за извршување на задачите и временската граница во којашто треба да завршат. На овој начин ресурсите ќе се насочат кон задачите со повисоки приоритети, со што се намалува латентниот одговор на апликациите. IPC (inter-process communication) претставува делење на податоците на повеќе различни и одделно специјализирани процеси, при што се добиваат високи меѓупроцесни перформанси
• Безбеден – Микрокернелна архитектура којашто ја редефинира безбедноста и доверливоста, почнувајќи од основното ниво
• Унифициран – IDE (Integrated Development Environment), Интегрираното опкружување за развој за повеќе уреди овозможува апликациите да се развиваат еднаш, а потоа да се дистрибуираат и употребат на повеќе различни видови уреди
На презентацијата на новиот софтвер, Ју вети дека со Harmony OS, девелоперите повеќе нема да треба да се занимаваат со основната технологија при дистрибуцијата на нивните апликации. Ова ќе им овозможи на програмерите да се фокусираат на сопствената логика на индивидуалните услуги.
Што се однесува до “непреченото искуство“, Хуавеи потврди дека ресурсите ќе гравитираат кон задачи со високи приоритети, што пак ќе ја намали латентноста на реакција на апликациите за приближно 25%.
Покрај тоа, Harmony OS ќе има засилена безбедност, бидејќи микрокернелот е дизајниран да ги поедностави функциите на јадрото и да спроведе што е можно повеќе услуги во режим на употреба надвор од кернелот.
И на крај, Harmony OS ќе може автоматски да се прилагоди на различни контроли за поставување на екранот и на интеракции. Од Хуавеи објаснуваат:
"Компајлерот HUAWEI ARK е првиот статички компајлер што може да работи истовремено со виртуелната машина на Android, овозможувајќи им на девелоперите да компајлираат широк спектар напредни јазици во машински код, во единствена, унифицирана околина. За сево ова да биде возможно, Huawei ја провериле можноста на оперативниот систем да работи со величини на RAM меморија од неколку килобајти до стотина гигабајти. Harmony OS ќе поддржува широк спектар прилагодени апликации. Така што, HTML5, Linux, па дури и Android апликациите ќе можат во иднина да работат на овој оперативен систем."
Во овој момент, останува да видиме дали платформата ќе има пристап на Google сервисите. На девелоперите, Huawei ќе им овозможи пристап до ARK Компајлерот, кој ќе им овозможи компајлирање на кодови работени во различни програмски јазици, како C/C++, Java и Kotlin.
Извршниот директор на компанијата Huawei истакна и потврди дека компанијата ќе се посвети на платформата на Google и желбата таа да се користи интернационално. Меѓутоа, доколку на Хуавеи не му биде дозволено да користи Android, во иднина кинескиот гигант ќе ги преземе неопходните мерки за веднаш да се префрли на Harmony OS.
Се очекува првиот движечки уред со Harmony OS да биде Honor Vision TV, кој уште од оваа недела ќе биде пуштен во продажба во Кина. Исто така, постојат гласини дека Huawei Mate 30 може да биде преинсталиран со Harmony OS. За почеток, Huawei планира да го примени Хармони на паметните часовници, како и кај паметните автомобили и звучници, иако може да поминат и три години пред да ја видиме конкретната примена на овој OS во автомобилите. Kомпанијата не спомена специфични модели на телефони во соопштението за медиуми и едноставно заклучува:
“Веруваме дека Harmony OS ќе ја ревитализира индустријата и ќе го збогати екосистемот. Нашата цел е да им донесеме на луѓето навистина привлечно и разновидно искуство. Сакаме да ги поканиме програмерите од целиот свет да ни се придружат додека го градиме овој нов екосистем. Заедно, ќе испорачаме интелигентно искуство за потрошувачите во сите сценарија “.