Најраширениот инсект во светот, а најверојатно и најомразениот е бубашвабата, односно лебарката. Овие инсекти настанале пред околу 300 милиони години и денес се познати околу 3.500 вида. На пример, во САД се познати 55 вида. Верни сопатници на човекот низ вековите, му ја користат и загадуваат храната, го вознемируваат преку ноќ, со омраза ги гледа како претрчуваат брзо преку собите кога ќе ја запали светилката. Се јавуваат во голем број преку лето, излегуваат од каналите, отворите за вентилација, се шетаат меѓу убаво измиените садови, се кријат во корпите за леб. Со доаѓање на зимата ги снемува и токму кога ќе помислите дека сме ги уништиле, тие се појавуваат повторно и сè започнува од почеток.
Местата во кои се кријат и живеат имаат слични карактеристики. Обично тоа се топли, влажни и темни дупки, пукнатини, подруми. Оваа не е случајно, бидејќи тие потекнуваат од тропските предели. Некои тропски видови се хранат исклучиво со растителна храна, додека бубашвабите што живеат во урбани средини, поради изобилство на разновидна храна, се прилспособиле и го измениле начинот на исхрана. Денес тие се омнивори т.е. сештојади, но посебно ги привлекуваат житариците, слатките работи како и чистиот шеќер, продуктите од млеко и месо. Некои од нив се хранат и со хартија, дрво, влакна и мртви животни.
Од заштитна гледна точка, бубашвабите се многу важни, бидејки ниеден друг штетник не е толку третиран и сузбиван. На пример: во последните години дури 50% од буџетот на САД наменет за дезинсекција на местата каде се стационирани нивните армиски трупи, е наменет токму за сузбивање на бубашвабите.
Од здравствен аспект, исто така многу е важно бубашвабите да се уништат или барем да се преземат превентивни мерки за нивно намалување. Досега не е со сигурност констатирано дека бубашвабите се директни преносители на болести и зарази, меѓутоа, поради тесната врска што ја имаат со човекот и поради истите извори на исхрана со него, се наметнува потреба од нивно поефикасно следење и сузбивање. Постои можност криејќи се во ѓубришта, нечисти простории, дупки, пукнатини, на своето тело тие да носат предизвикувачи на болести и хранејќи се со нашата храна индиректно да предизвикаат заболување. Дури и да не е тоа така, контаминирајки ја нашата храна со нивните секрети е доволна причина да развиеме омраза кон нив. Исто така тие имаат и непријатен мирис што доаѓа од нивните излачувања. Садовите и течностите низ кои поминале можат долго време да го задржат овој мирис и, воопшто земено, просториите во кои е забележана зголемена популација од бубашваби имаат непријатна миризба која доаѓа токму од нив. Некои луѓе можат да развијат и алергиски реакции.
Општо земено, сите видови бубашваби во својот живот поминуваат низ 3 (три) развојни фази : јајце, нимфа (ларва) и возрасен инсект. Женките ги снесуваат јајцата во специјални капсули наречени оотеки во кои јајцата се наредени во два реда. Од нив се изведуваат нимфи кои ги здружуваат своите сили и ја отвараат капсулата да излезат надвор. Нимфите по изглед се потполно исти како и возрасните инсекти, само што се многу помали и имаат закржлавени крилја. При нивното растење тие повеќе пати се преслекуваат и при последното преслекување, крилјата им се целосно оформени, веќе се возрасни инсекти и се сексуално зрели. Возрасните бубашваби можат да имаат долги и функционални крилја или кратки и закржлавени, зависно од видот. Кај некои од нив, мажјаците се крилести, а женките не. Повеќето се ноќни животни и се движат и се хранат исклучиво на темно, но некои видови се активни и преку ден, особено кога популацијата е многубројна. Најважната причина поради која бубашвабите преживеале толку голем временски период е бессомнено нивната приспособлива природа кон секакви природни услови и кон секаков вид храна.
За најраспространети видови се сметаат ориенталната, германската, американската, азиската, австралиската и др. Во нашата земја се застапени ориенталната и германската бубашваба.
ОРИЕНТАЛНА БУБАШВАБА - Blatta orientalis
Ориенталната бубашваба е најзастапен вид во Македонија. По боја е темно кафена до црна. На сликата е прикажана возрасна женка. Женките се долги 1,5-2 cm со рудиментирани закржлавени крилја, додека мажјаците се помали со целосно развиени крилја. Женките ги носат оотеките (капсулите со јајца) на својот анален отвор околу 30 часа пред да ги снесат на површината. Обично ги оставаат во непосредна близина на вода и храна. Возрасната женка во текот на својот живот снесува 8 капсули, а секоја од оотеките содржи 16 јајца кои се изведуваат за околу 44 дена. Во домовите на луѓето доаѓаатс со пакети со храна, преку отвори од канализација и вентилација, со стари алишта или бела техника купена на старо. Обично се јавува во групи, ноќен инсект е и формира големи колонии.
ГЕРМАНСКА БУБАШВАБА - Blattella germanica
Германската бубашваба или позната уште како “буба прус” е најссузбиваниот инсект во светот. На сликата десно е прикажана женка со капсула на аналниот отвор а лево е прикажана машка единка. По боја е светло кафена со две темни линии на градите. Возрасните инсекти се големи од 0,8-1 cm, а крилјата се развиени и кај двата пола. Бројот на јајцата во оотеките варира и се движи 18-50 а женките ги носат многу кратко време пред да ги снесат. Карактеристично за оваа бубашваба е што женките им помагаат на нимфите да излезат од капсулата, а понекогаш и се грижат за нив. Животниот циклус им е краток и изнесува околу 60 дена. При собна температура многу се активни и тешко се сузбиваат. Се јавуваат во огромен број, а причина за тоа е што бројот на јајцата во капсулите во однос на другите видови е двојно поголем,како и поради тоа што се помали и можат да поминат и низ најмали отвори и пукнатини. Се пренесуваат со кутии, празни шишиња од сокови. Бидејки имаат развиени крилја, можат да летаат, но на кратки растојанија. Местата на кои може да се најде германската бубашваба се со одредени карактеристики. Обично се тоа топли, мрачни и влажни простории кои се тешко пристапни за редовно чистење и во близина на вода и храна. Многу брзо развиваат отпорност кон инсектицидите.
АМЕРИКАНСКА БУБАШВАБА - Periplaneta americana
Американската бубашваба е најголема од сите бубашваби. Возрасниот инсект е со големина од 2,5-3 cm. На сликата е прикажана споредба помеѓу американската и ориенталната бубашваба. По боја е темно црвена со светли точки на градите. И двата пола се крилести, при што кај мажјаците крилјата го прераснуваат телото, а кај женките досегаат до крајот на телото. Капсулите со јајца ги носат на својот анален отвор 1 ден пред да ги спуштат на подлогата, при што ги лепат со своите секрети. Оотеките ги формираат отприлика една недела, а во текот на животот снесуваат 15-19 капсули. Во секоја од нив има 14-16 јајца кои се излегуваат за 45-55 дена. Во идеални услови нимфите стануваат возрасни инсекти за 5 месеци. Во надворешни услови потребни се 12-24 месеци за да станат сексуално зрели. Преферираат топли и влажни живеалишта. Во Македонија овој тип на бубашваби го нема.
ЗАШТИТА
Заштитата од овој инсект не е едноставна и лесна. Во секој случај бара перманентност и упорност. Мерките што се преземаат можат да бидат превентивни и заштитни. Правилно складирање и чистење на хранливите материи е прво барање во проблемот за превенција од бубашвабите. Целокупната храна во просторот во кој живееме мора да биде правилно складирана за бубашвабите да не можат да дојдат до неа. Брашното, шеќерот и други слични видови храна кои се наоѓаат во рефусна состојба, треба да се чуваат во садови со цврст затворач. Кујната треба да е направена од материјал кој лесно се чисти и одржува. Храната приготвена преку денот мора навечер да се складира, да се смести и да се исчисти, а ѓубрето да се изнесе надвор во кеси. Кантите за ѓубре се идеално место кое ги привлекува бубашвабите. Празните шишиња од сок треба да се измијат и да се изнесат надвор. Празните кутии во кои стоела храна веднаш да се елиминираат, затоа што за германската бубашваба се идеално место за живот. Во зградите во кои живеат поголем број фамилии, основна превентивна мерка е прскање со инсектициди на целата зграда, кое го врши специјализиран завод за дизинсекција и тоа треба да се прави рано напролет.
Заштитни мерки се преземаат кога ќе се утврди присуство на овие инсекти во просторот во кој живееме.Тие се спроведуваат со третирање на површината со хемиски средства. Денес во продажба се наоѓаат голем број препарати за заштита од бубашваби. Тие можат да бидат во форма на прашок, спреј, течности за растворање и во вид на мамки.
Препаратите во прашеста состојба како НЕОПЕТРОИД, БАЈГОН, ДЕТИА, ЕТИОЛ во прав се употребуваат за посолување на местата каде поминуваат инсектите. На овој начин тие го лепат средството на своите тела и го носат во леглата. Недостаток на овој метод е што прашокот не може да се примени на недостапни места: зад регалите, во отворите за вентилација... Во моторите на фрижидерите, поради специфичноста на местото се препорачува употреба на мамки за штетници или попознати како баг-станици. Во продажба се наоѓаат во вид на конзерви со перфорирани места од страните. Пред употреба се отвараат перфорациите и се поставуваат до моторот, а дејствуваат на тој начин што инсектот влегува во конзервата, го зема отровот кој е спремен во вид на мамка и го носи во леглото. Погодни се за употреба и во шпајзови, на сталажи каде се чуваат прехранбени артикли за да не дојде до затрујување на храната од прашестите пестициди.
Употребата на аеросоли т.е. спрејови против бубашвабите е исто така голема. Предноста на овој метод е што може да се нанесе хемиско средство во понедостапните места како разводни кутии, пукнатини во паркетот, процепи во ѕидови, отвори во ламперија и сл. Пиретроидот и синтетизираните пиретроиди во форма на аеросол вшприцани директно во местото на живеење ги иритира бубашвабите и ги брка оттаму. Во продажба може да се најдат под разни имиња како ДЕТИА СПРЕЈ, ГАДИЦИД ПЛУС, БУБИ , БУБА КИЛ, ПИФ-ПАФ и др.
Борната киселина во кристали или паста е сигурна и ефикасна во програмата за заштита од бубашваби. Дејствува како стомачен отров – кога инсектите ги чистат своите антени ја внесуваат во телото. Исто така, поминувајќи низ неа ја налепуваат на себе при што киселината ја нагризува нивната површина и предизвикува дехидратација и смрт. Во продажба се наоѓа во вид на кристали во аптеките. Се поставува по аглите во собите, има долго време на дејствување само додека се наоѓа во сува состојба.
При употреба на кое било средство прво што треба да се направи е генерално чистење на станот, при што се отстрануваат снесените капсули и директно се намалува бројот на идните инсекти. Капсулите се наоѓаат во скриени места кои не се чистат секојдневно – зад фрижидери, кујнски елементи, зад троседи, регали и сл. Ако во станот живее семејство со мало дете, би било пожелно во времето на третирање тоа да не биде присутно, за да се избегнат несаканите последици. Средството што ќе се избере, зависи од големината на инфекцијата, т.е. од бројот на појавените инсекти. Најмногу се препорачува комбиниран метод, односно употреба на повеќе видови инсектициди, што значи таму каде што може да се приближиме до местото каде се наоѓаат инсектите да се употреби прашок, во моторите од замрзнувачите и сл. места да се употребат станици, во пукнатини прска спреј и сл.
Посебен проблем бубашвабите преставуваат во зградите, болниците, градинките, фабричките кујни. Во вакви случаи поради големиот простор што треба да се третира најпрепорачливо е да се повика служба за дезинсекција која е обучена за вршење вакви дејности. Во зградите со поголем број станари може да се изврши третирање на целиот објект со инсектициди на база на пиретроиди како НЕОПЕТРОИД – АЛФА или КОПЕКС. Првото прскање е ударно и се користат повисоки дози од средството, а понатамошните третирања се рутински со пониски дози, со цел да се спречи повторна појава на инсектите или да се уништат оние кои преживеале при првото прскање. При употребата на овие средства без разлика каде ќе бидат применети, потребно е придржување кон упатството за употреба кое е приложено кон самиот инсектицид.
бонус видео