До 1999 година, кога со најсовремени методи и инструменти се измерени 5892.5 метри, официјалната висина на килиманџаро беше онаа од 1952 година - 5895 метри. Дали Kилиманџаро се смалил за 2,5 метри?
Килиманџаро се наоѓа во североисточна Танзанија, во близина на границата со Кенија и е највисока планина на африканскиот континент. Составен е од три вулкани, од кои најпознат е највисокиот Кибо. Климатските промени на Килиманџаро се фасцинантни и привлекуваат голем број туристи и алпинисти од целиот свет.
Со класичниот геодетски премер, извршен во 1952 година, пресметана е висината на Килиманџаро од 5895 метри. Во 1998 и 1999 година по многу научни дискусии, се роди идејата повторно да се измери висината на планината.
Секако дека мерењата беа планирани да се вршат со GPS (Global Positioning Sistem - Систем за глобално позиционирање), кој овозможува полесно, поточно, побрзо и мерење независно од временските услови. Воедно, добиените резултати се во меѓународниот референтен систем.
По неколку месеци потребни за организација и обезбедување спонзорства за експедицијата, составена од геодетски експерти од повеќе земји од светот, мерењата почнаа во средината на септември 1999 година. Голема помош и поддршка на експедицијата £ даде раководството на танзаниската национална организација за паркови, во вид на водичи, носачи и сместување во текот на кампањата .
Мерењата се вршеа со инструменти на швајцарската корпорација LEICA, моделите SR 530 и SR 299. Како базна точка за мерењето беше хотелот “Филип” во Моши, град во подножјето на Килиманџаро.
Екипата беше поделена во две групи: едната геодетска група го постави SR 530 на точка на хотелот Филип, каде приемникот беше вклучен 7 дена. Истовремено изврши мерења на нови точки, но и на познати точки на подножјето на планината. Втората група се искачуваше по планината, поставувајќи нови точки за време на искачувањето, формирајќи мрежа на базни линии. Користејќи 4 GPS приемници мрежата беше воспоставена со врски од сите точки со базната точка во Моши.
За користење и употреба на приемниците беа обучени сите членови на експедицијата, па дури и водичите, бидејќи кај ваквите експедиции не се знае кој ќе стигне до врвот и ќе може да го заврши мерењето.
Од влезот во паркот во Марангу до врвот на Килиманџаро, растојанието што мора да се препешачи е околу 40 километри, при што треба да се совлада висинска разлика од 1900 метри до речиси 5900 метри. Важно е да се оди бавно и поради аклиматизацијата на организмот на вакви висини.
Искачувањето на планината траеше 4 дена а симнувањето ден и половина, што е повеќе од доволно за прецизно GPS мерење. Најголемиот проблем претставуваат последните 1200 метри од планината кои се стрмни, а воздухот е ладен и сув. При качувањето на самиот врв опремата беше максимално редуцирана.
Со помош на познатиот софтвер BARNESE, софтвер за обработка на GPS мерења и координатите на познатите точки, сите координати беа пресметани со центиметарска точност. Со сите потребни трансформации и пресметувања, добиена е висина од 5892,55 метри, во танзанискиот систем на висини во кој е претставена и висината од 1952 година.
Во 1952 година се измерени 5895 метри, додека најновата измерена висина 5892.5 метри. Некој зачудено ќе помисли дека Килиманџаро се смалил за 2,5 метри. Но не станува збор за тоа. Премерот од 1952 година е извршен со тригонометриски нивелман, со мерење на вертикални агли со должини поголеми и од 55 километри и висинска разлика од преку 4000 метри. Со тие методи во тој дел од Африка и во тоа време, не било можно да се постигне точност поголема од неколку метри.
Кораб е највисока планина во Македонија. Највисок врв е Голем Кораб - официјално висок 2753 метри. Планинско-венечен лак вдолж границата со Албанија, со правец на протегање од југ кон север, Кораб, според многу истражувачи, претставува најубав планински релјеф во Македонија. Тешко пристапни се врвовите Кепи Бар (2595 m), Мала Корабска врата (2465 m), Кабаш (2391 m), Цигански премин (2305 m), Плоча (2233 m) и Висока карпа (2090 m). Посебно е интересен алпскиот предел Кабаш со неколку остри и тешко пристапни врвови. Во највисокиот дел, над 2000 м владее алпска клима со алпски флорни елементи.
Во 1996 година беше спроведена GPS кампања во Македонија - EUREF MAK 96, како дел од европската кампања EUREF. Со мерењата, покрај другите 34 точки, беше опфатен и Мал Кораб, кој се наоѓа во близината на Голем Кораб. Од оваа кампања добиена е висина на Мал Кораб од 2727 метри. Висините на планините во Македонија своевремено се мерени со барометарски нивелман (зависност на воздушниот притисок од висината), метод чија точност е десетина и повеќе метри. Ако знаеме дека старата висина на Мал Кораб е 2682 и според тоа разликата меѓу Мал Кораб и Голем Кораб изнесува 71 метри, ја добиваме претпоставената висина на Голем Кораб од 2798 метри.
Овде посебно е важно да се потенцира дека во рамките на кампањата не е вршено мерење на Голем Кораб и оваа висина од 2809 m не можеме да ја прифатиме како официјална.
Ако ја прифатиме оваа висина на Кораб, Триглав останува повисок од него со 2864 метри. Ова е интересно да се спомене со оглед на некои тврдења во македонската јавност дека своевремено, мерењата на Кораб ги вршеле експерти од Словенија со цел тенденциозно да се добие поголема висина за Триглав и со тоа тој да стане атракција.
Од изнесеното се наметнува потреба за нови мерења на висините на македонските планини. GPS методите овозможуват лесно, точно и брзо мерење. Со тоа би биле отстранети многу дилеми и би добиле валидни висини во меѓународните референтни системи.