Размислете двапати пред да капнете уште еднаш во вашата чинија од тоа екстра-лутиот чили сос. Неодамнешните истражувања покажуваат дека зачинетата исхрана е можеби поврзана со когнитивниот пад и со деменцијата.
15-годишното истражување спроведено во Кина меѓу 4582 лица на возраст над 55 години покажало побрз когнитивен пад кај оние кои секојдневно јаделе повеќе од 50 грама чили, што и не се смета за многу во некои делови од светот. Притоа било забележано дека ризикот за пад на меморијата и на моќта за расудување се зголемил речиси двојно, независно од полот, а повисок ризик бил забележан кај оние со понизок индекс на телесна маса (BMI).
"Во претходните истражувања беше откриено дека конзумирањето чили е корисно за регулирање на телесната тежина и на крвниот притисок. Меѓутоа, во ова истражување откривме негативни ефекти врз когнитивните функции кај постарите лица", вели Зумин Ши од Универзитетот во Катар, којшто е и водечки автор на трудот.
Истражувачите од Катар, Кина и Австралија, го следеле начинот на живот и здравјето на учесниците во текот на 15 години. Биле следени нивните навики во исхраната, нивното здравје и начин на живот, но и одредени способности, како што е помнењето, на пример. Па така, од овие податоци, тие можеле да ги издвојат долгорочните промени во испитуваната група, како и да ги поврзат овие промени со животните фактори. Како што истакнуваат истражувачите, ваквите долгорочни (лонгитудинални) истражувања се корисни за идентификување на трендовите коишто можат да бидат фокус на интерес во подоцнежните студии.
Засега не се јасни причините за очигледната врска помеѓу чилито и когнитивните функции, па истражувачите признаваат дека можеби за падот на когницијата влијаат и други фактори. Сепак, една од можните хипотези се фокусира на влијанието на капсаицинот, активната состојка во чилито, а којашто е присутна и кај повеќето лути зеленчуци, зачини и производи.
Како што посочува ко-авторот на трудот Минг Ли, од Универзитетот на Јужна Австралија, "Една од работите во коишо се сомневаме е тоа што капсаицинот може да биде невротоксичен при преголема консумпција". Иако ниту една чили-пиперка нема доволно висока количина капсаицин за да нанесе неповратна штета, се покажало дека превисоката доза била смртоносна кај глувците.
Сепак, истражувачите се согласуваат дека е премногу рано за издавање на препораки за намалување на внесената количина луто при јадењето или за целосно отстранување на чилито од секојдневното мени, со цел на зачувување на когнитивните функции. За да биде валидно преземањето на овој чекор потребни се многу повеќе тестирања и истражувања.
Студијата беше објавена во списанието Nutrients.