Од истражувањето спроведено последниве две години од страна на Универзитетот во Сиднеј и лабораторијата Data61 од австралиската организација CSIRO (Commonwealth Scientific and Industrial Research Organisation), може да се заклучи дека 2040 Андроид апликации, достапни на официјалната Google Play продавница, се штетни на некој начин за корисниците.
Студијата вклучува анализа на околу милион апликации на Google Play и притоа е утврдено дека голем број апликации, сепак, не содржат малвер, но од корисниците бараат голем број дозволи за пристап до податоците на корисникот и покрај тоа што тие информации се непотребни за нормално функционирање на апликацијата.
Апликациите биле анализирани со помош на невронски мрежи и системи за машинско учење, при што биле барани сличности во текстуалните описи на апликациите како и визуелни сличности на нивните икони.
Со помош на програмчето VirusTotal, биле откриени 7246 апликации што можат да се сметаат за малициозни, 2040 биле лажни и потенцијално опасни за уредите на корисникот. Од нив 1565 побарувале од корисниците барем пет дозволи за пристап до чувствителни лични податоци.
Треба да се нагласи дека сите апликации коишто биле споменати како штетни во студијата се веќе тргнати од Google Play продавницата, со што бројот на одбиени апликации кои не се пуштени на Google Play пораснал за 55% во текот на 2018 година, а бројот на блокирани апликации пораснал за 66%.