Со големо задоволство Ве известуваме дека по неколкумесечно одлагање двата броја на ЕМИТЕР (9-10/16 и 4-6/17), кои досега беа достапни само во електронска форма, конечно излегоа и како печатени изданија. Како што најавивме уште при крајот на минатата година, на барање на читателите го вративме печатеното издание на Емитер и при тоа понудивме, ако има доволно заинтересирани, да ги отпечатиме и двата претходно објавени броја кои беа објавени само во електронска форма. Пријавувањето одеше како и за новите броеви, со претплата преку нашата е-продавница, па откако неодамна се достигна неопходната бројка, списанијата ги отпечативме.
Објавувањето на печатените изданија од овие броеви да го искористиме и за да се потсетиме на некои од интересните теми и проекти за самоградба што се дел од нивните содржини.
Од ЕМИТЕР 9-10/2016 ги издвојуваме следните поголеми статии: Логичка сонда со детекција на импулси; OBD2 - дијагностички интерфејс; Изработка на електрична гитара (2); Екстрасоларна Земја во нашето најблиско соседство; Топлинска изолација на надворешни фасадни ѕидови (1); Енигмата на топчестата молња; Поврзување на SQL база со PHP; Замена на кондензатори на матична плоча; Напредни техники за еволуција кон ерата на 5G; Подобрување на звучниците RIZ ELAK ZK110 и EI HSR ZK40... За повеќе информации погледнете на следнава локација.
Од ЕМИТЕР 4-6/2017 ги издвојуваме следните статии: Таурус 20 - SSB QRP трансивер (1); Автоматизација на процес на приготвување ајвар (1); Дали Земјата е рамна плоча?; Дали теоријата е докажана?; Електрични возила (1); Седум земјолики планети околу џуџеста yвезда; Биг-Бенгот не постоел?; Трајно архивирање на податоци; Подобрување на звучниците Wharfedale Valdus 500; Изработка на електрична гитара (3); Топлинска изолација на надворешни фасадни ѕидови (2)... За повеќе разгледајте на следнава страница.
Како што кажавме претходно, печатените изданија се достапни во ограничени количини, имајќи предвид дека печатениот тираж е планиран преку нарачки од е-продавницата на ЕМИТЕР. На нашите читатели што ги нарачаа овие броеви им благодариме на разбирањето и трпението со коешто дочекаа да се формира доволна количина на нарачки за изданијата да бидат испечатени. Имајќи предвид дека тие веќе ги платија овие броеви, а сепак некои од нив мораа да почекаат речиси половина година до ова известување за достапност на броевите, им оддаваме особено признание за нивната доверба. Деновиве следи испорака до сите читатели кои навреме се претплатија, како и до авторите на статиите во тие броеви и фирмите-спонзори.
Оние кои пропуштија навреме да ги резервираат своите примероци сè уште имаат шанса. Имено, колку и да се планира, конечната бројка за печатење мора да се заокружи. Па така, имаме мала количина на дополнителни примероци од овие броеви кои се достапни за нарачка преку е-продавницата на Емитер тука и тука. И како што би рекле од Топ шоп да повикаме и ние: Побрзајте, количините се ограничени!