Емитер повторно со печатено издание, но и со пониски цени на електронските изданија
Како што пишувавме во уводниците на последните неколку броеви од ЕМИТЕР, новите состојби и времиња бараа трансформација на списанието во поглед на организација на работата, но и на начинот на издавање. Поради ова во последните 3 години списанието ЕМИТЕР излегуваше исклучиво во електронска форма. Приемот беше добар, но дел од читачката публика, преку писма, фејсбук пораки и директни контакти се изјасни дека, сепак, би сакале во рацете да имаат и ‘хард-копија’ односно вистинско хартиено списание. Со оглед на бројноста на овие гласови, решивме да излеземе во пресрет на овие барања. Значи добрите вести се: Печатено издание на ЕМИТЕР ќе има.
Мирисот на свежо испечатено списание е неодолив
Веќе наредниот број од списанието (кој ќе излезе околу Нова година) ќе може да се набави во печатена, хартиена форма. Но, за разлика од порано печатеното списание нема да се дистрибуира по трафиките туку исклучиво по пат на претплата. Имено, сите заинтересирани читатели коишто ќе сакаат да добиваат списание во печатена форма, ќе биде потребно да се пријават на нашиот сајт и по пат на претплата да го резервираат својот печатен примерок. Ова ќе овозможи редакцијата точно да го испланира печатениот тираж на списанието, ќе нема вратени непродадени примероци (кои се чист трошок), а ќе се намалат и трошоците за дистрибуција. Со тоа ќе се елиминираат дел од трошоците кои во последните години имаа значаен удел во загубите и застојот на Емитер, односно списанието ќе добие провеќе простор за понатамошен развој и опстојување.
Дистрибуција на печатеното издание исклучиво по пат на годишна претплата во светски рамки функционира веќе подолго време, главно кај специјализираните списанија. На пример, светски познатото списание за електроника Електор премина на овој начин на работа уште пред неколку години. Причините се веќе наведените (намалување на трошоци за дистрибуција, елиминирање на трошокот за непродадените примероци), но и неможноста на специјализираните списанија да се експонираат на преполните полици на трафиките, ниту пак да ги има во сите трафики.
Претплатата на печатеното списание на ЕМИТЕР во моментов опфаќа вкупно 4 броја, со оглед на тоа што списанието за сега ќе излегува квартално, односно на секои 3 месеци. Цената на еден печатен примерок ќе изнесува 200 денари, што значи дека претплата за цела година ќе чини 800 денари. Сите заинтересирани читатели за печатено издание ќе може да ги резервираат своите примероци од следните 4 броја на Емитер преку уплата за годишна претплата на нашата е-продавница тука
Истовремено нудиме можност за набавка на печатено издание и од претходните броеви кои излегоа само како електронски изданија. Резервација на печатени изданија од овие броеви на ЕМИТЕР ќе може да се направи повторно преку нашата е-продавница тука и тука.
Цената од 200 денари по примерок е економска и сметаме дека е наполно оправдана за квалитетот на содржините застапени на најмалку 100 страници, како и за ексклузивитетот којшто ќе го добијат претплатниците.
Заедно со враќање на печатеното издание објавуваме и намалување на цените на електронските изданија, кои сега ќе чинат за 50% пониско од печатените изданија, односно ќе имаат навистина популарни цени од 50 до 100 денари.
Се надеваме дека овој начин на достапност на печатеното издание (само за претплатници, спонзори и соработници) ќе наиде на разбирање и прием од ваша страна, дека во наредните години ќе продолжите да се дружите со Емитер и на тој начин да ја поддржувате нашата мисија на популаризирање и ширење на научната мисла и техничката култура во нашава држава. Ако се сложувате со ова и сте љубител на хартиено списание тогаш побрзајте и резервирајте ги следните 4 броеви на Емитер (+2 гратис) преку уплата за годишна претплата на печатеното издание (или станете спонзор или редовен соработник на Емитер :-)).
Доколку, пак, сте љубител на електронското издание имате можност за годишна претплата на електронското издание, како најекономична опција. И конечно, најдоброто од двата света (Гутенберг & Интернет) ќе го добиете со комбинирана претплата на печатеното и електронското издание. Посетете ја страницата за Претплата на нашата е-продавница тука и направете го својот избор.