Рубрика: Медицина
T- клетките влијаат на создавањето на нови нервни клетки во мозокот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.07.2019 - 11:45

Едно истражување, спроведено неодамна, открива дека имуните клетки можат да се најдат и на неочекувани места, а нивното присуство таму не носи ништо добро.

Имено, како што пишува во трудот објавен на почетокот од овој месец во Nature, Т-клетки биле пронајдени во мозокот на постарите глувци, а нивното однесување на оваа локација укажува на можната поврзаност на овие клетки со процесите на стареењето.

Ан Брунет од Медицинскиот факултет при Универзитетот Стенфорд и нејзините колеги ја проучувале генската активност со цел да ги идентификуваат сите видови клетки лоцирани во субвентрикуларната зона на мозокот, каде се создаваат новите нервни клетки. Во споредба со младите глувци, кај постарите било забележано многу поголемо присуство на Т-клетки во оваа област. Во останатите делови од телото, клетките на имуниот систем се справуваат со оштетените или инфицираните клетки од другите ткива, но мошне неочекувано е нивното присуство во мозокот.

Експериментите спроведени врз постмортем човечко ткиво од мозокот укажуваат дека слична работа се случува и кај старите луѓе, на возраст од 79 до 93 години. Имено, како што откриле научниците, ткивата во мозокот кај овие изобилувале со многу повеќе Т-клетки од луѓето на возраст од 20 до 44 години.

Во мозокот на глувци, Т-клетките го разложуваат соединението наречено интерферон-гама. Како што покажуваат експериментите направени врз матични клетки во лабораториски садови, токму оваа молекула можеби е одговорна за падот во производството на нови нервни клетки што доаѓа со староста

Резултатите доаѓаат во време кога сè повеќе се разгорува дебатата околу тоа дали возрасните човечки мозоци продолжуваат да создаваат нови нервни клетки. Ако се докаже дека овие процеси се одвиваат и над одредена возраст, тогаш терапиите коишто ги “деактивираат” Т-клетките во мозокот би можеле да помогнат во одржување на стапката на производство на нови нервни клетки, дури и во староста. Ова обновување би можело да спречи барем дел од падот на менталните способности што доаѓа со стареењето.

Клучни зборови: