Рубрика: Астрономија и астронаутика
Тутулема – аналема со сончево затемнување
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.07.2019 - 12:15

Ако секој ден, во исто време и од истото место, го фотографирате Сонцето во текот на една цела година, композитната слика добиена од овие фотографии ќе го прикаже Сонцето како исцртува развлечена фигура на песочен часовник, односно осумка на небото. Оваа осумка, што го следи патот на Сонцето во текот на една година се нарекува аналема.

При зимскиот солистициум, односно краткоденицата, на северната хемисфера на Земјата, позицијата на Сонцето е онаа на дното од аналемата, додека во највисоката точка е прикажана позицијата на Сонцето при летниот солистициум, односно долгоденицата. Сликите на аналеми создадени од различни географски широчини се разликуваат, а се разликуваат и сликите на аналемите коишто се создадени со секојдневно фотографирање со фиксен термин, но во различно време од денот. Прекрасната крива на аналемата се добива како последива од наклонот на Земјината оска и промените во брзината додека таа се движи на својот пат околу Сонцето.

Со нешто поголемо планирање и напор, серијата фотографии што го следи патот на Сонцето, може да вклучи и фотографија од целосно затемнување на Сонцето. На сликата во прилог е прикажана една таква аналема којашто вклучува и фотографија од затемнување  на Сонцето. На овој вид на аналема фотографите му го ‘наденуваат’ називот Тутулема, термин што во основата го содржи турскиот збор за затемнување – tutulma. Серијата фотографии од коишто се состои сликата во прилог се направени од Турција, со прва фотографија направена во година. Основната слика во секвенцијата ја прикажува тоталната фаза од затемнувањето на Сонцето онака како тоа можеше да се набљудува на 29 март 2006 година од Сиде во Турција. При овој момент, видлива е и Венера, која може да се забележи во правец од центарот кон десната страна на сликата.

Клучни зборови: