Комуникацијата помеѓу научната и пошироката јавност не секогаш оди мазно. Научниот пристап кон приказот на долгорочни промени честопати вклучува мноштво табели, процентуални прикази, графици и што уште не, нешта што не се најлесни за следење, а за лаиците во одредена област може да се покажат и како невозможна мисија.
Инспириран од потребата да создаде елегантен приказ на добиените податоци којшто лесно ќе може да се разбере и сподели, климатологот Ед Хокинс од Универзитетот Рединг, Обединето Кралство, го создаде приказот на “топлински линии”. Се работи за визуелизација којашто преку ленти што го прикажува затоплувањето или заладувањето на температурите во периодот од 1901 до 2018 година. Хокинс го претстави и веб-сајтот showyourstripes.info каде секој во светот може да го пребара и најде неговиот регион и бесплатно да ја симне сликата којашто ги следи и прикажува климатските промени за избраниот регион.
Графички приказ на климатските промени за регионот на Македонија во период од 1850 до 2023 година*
Сајтот веќе има забележано над 1 милион симнувања на слики од над 180 земји во светот. Приказот за климатската промена во вид на ленти го искористија и повеќе компании и организации. Па така, тој досега се најде испечатен на вратоврски, копчиња, на еден автомобил од марката Тесла, а беше употребен и како платно на сцената на еден музички фестивал во Германија. Сепак, најширока употреба бележи во САД каде оваа визуелизација е главниот носител на пораката за климатските промени во кампањата за подигање на свеста за нив. Кампањата ја води непрофитната организација ClimateCentral, а преку неа над 100 телевизиски метеоролози во САД и во светот ги споделија преку социјалните мрежи лентите со приказот на климатските промени со користење на хаштагот #ShowYourStripes.
Оваа кампања има и свои критичари кои велат дека приказот за одредени региони или земји може да биде изваден од глобалниот контекст и на тој начин да се негира глобалниот пораст на температурите. Некои додаваат дека и покрај тоа самиот приказ е доволно јасен, сам за себе, сепак тој би требало да содржи и некој вид на легенда којашто ќе го дообјасни. Но, засега, критичарите се во далеку помал број од оние што го пофалија иновативниот пристап на Хокинс за пренесување на една научна порака на начин со којшто ќе можат речиси сите да ја разберат.
Во прилог ја следите визуелизацијата за растот на температурите во регионот на Македонија од 1901 до 2018 година. Сè уште сметате дека глобалното затоплување нè одминува?
* дополнето 2024 година: додадени нови графички извадоци за регионот на Македонија