Ако на Земјата имаше останато некој диносаурус сигурно немаше да го цени ентузијазмот со којшто на 30 јуни ќе се одбележи меѓународниот Ден на астероидот. Научници, астрофизичари, инженери, студенти и академици во 192 земји ќе учествуваат во одбележувањето на денот којшто Обединетите нации го прогласија за официјален Ден на астероидот, посветен на подигањето на свеста и едукацијата за влијанието на овие карпести објекти што орбитираат околу Сонцето и што повремено знаат да одиграат клучна улога во историјата на нашата планета.
Зошто токму 30 јуни? Токму на овој ден во далечната 1908 година, околу 7 часот изутрина по локално време, еден астероид “профучи” низ атмосферата на Земјата за набргу потоа да експлодира над сибирската пустош во близина на реката Подкаменаја Тунгуска, во Краснојарската област во Русија. Научниците сè уште зборуваат и дискутираат за овој настан којшто остана забележан во историјата и е општопознат како Тунгуска експлозија. При детонацијата на споменатиот астероид била ослободена енергија еквивалентана 185 атомски бомби, со јачина на бомбата фрлена на Хирошма некои 40-тина години подоцна.
Како што вели и Дон Јеоманс од НАСА: "Ако сакате да започнете разговор со кој и да е научник што ги проучува астероидите, сè што треба да кажете е Тунгуска. Се работи за единствениот потврден податок за голем метеороид забележан во модерната ера од којшто постојат записи на видувања од прва рака."
Оваа година настаните ќе се фокусираат на улогата на астероидите во формирањето на нашиот Сончев систем и напредокот во технологијата за нивно побрзо откривање, следење и анализирање. Ако темата ви изледа сувопарна, можеби ќе ве раздвижи веста дека еден од иницијаторите за одбележување на Денот на астероидот во 2014 година беше и д-р Брајан Мај, астрофизичарот којшто во светски рамки е познат како гитарист на легендарната рок-група Квин. Ако ова не ви асоцира на забава, имајте на ум дека еден од главните поддржувачи на настанот оваа година е еден познат бренд на вотка ;).
Денот на астероидот е програма на Фондацијата Астероид, непрофитна организација од Луксембург. Оваа година за првпат се емитува и едукативна ТВ-програма посветена на вселената и астероидите. Се работи за петдневно емитување кое започна денес на 27 јуни, точно на пладне по Централно Европско летно време. Тридневната програма ќе се состои од содржини од настаните при одбележувањето на Денот на астероидот во 2018 година какко и оригинален материјал од партнерите на Фондацијата. Иако настани се организираат во текот на целата година , најголемиот дел од нив се случуваат непосредно пред или на 30 јуни
Еве неколку од нив:
Најблиску до нас, од 28 до 30 јуни во грчкиот Музеј за метеорити, грчките научници и астрономи ќе разговараат за потенцијалната опасност од удар на астероид во нашата планета, но и за потенцијалот на астероидите како извори на минерално и рудно богатство.
Во Јапонија, пак, на 29 јуни во одбележувањето на Денот на астероидот ќе учествува менаџерот на мисијата Хајабуса 2, Макото Јошкава. Настанот се одржува истовремено на пет локации во Јапонија во Сандај Гакуен, Токио; Космо-куќата во Вселенската кула Какута во префектурата Мијаги; Каваијука, Чигуса-ку, во Нагоја; Астропаркот Саџи, во Тотори и Јамагучи музејот, во префектурата Јамагучи.
Во САД Денот на астероидот исто така ќе се одбележи на неколку локации. На 29 јуни во Научниот центар Фернбанк, Атланта, ќе биде одржано второто годишно издание на Space Rocks! Содржините на насатанот вклучуваат презентации, дискусии и прикажување на филмот Incoming! каде наратор е Џорџ Такеи, попознат како Сулу од Ѕвездени Патеки. На 30 јуни во Националниот музеј на воздухопловството и вселенскиот лет Смитсонијан во Вашингтон Д.Ц., ќе биде одржана панел дискусија во којашто ќе учестува астронаутот Том Џонс, поранешен пилот на спејс-шатл.
Ако патот на 30 јуни ве носи во близина на Дармштат во Германија секако наминете во ирскиот Паб на Зелената овца (The Green Sheep Pub) каде ќе може да земете учество во квизот на тема астероид.
Истиот ден, односно ноќ, во Изноло, Сицилија ќе се организира групно набљудување на небото во потрага по астероиди. Набљудувањата ќе се прават со помош на 10 телескопи, вклучувајќи го и 400 mm роботскиот телескоп GRT-galhassin.
Ако се наоѓате во Виена, Австрија, на 30 јуни секако препорачуваме да го посетите Природонаучниот музеј каде манифестацијата ќе ги одбележи 50-годишнината од стапнувањето на човекот на Месечината и 50-годишнината од пронаоѓањето на спектакуларните метеорити Аленде и Мерчисон. Во рамките на настанот ќе може да се разговара со повеќе стручњаци а за децата е организиран и натпревар во цртање.