Оваа година се навршуваат точно 60 години од основањето на Техичкиот факултет во Скопје од којшто подоцна произлегоа трите високообразовни институции кои го претставуваат денес 'рбетот на техничкото образование во Македонија. По овој повод деновиве се одржуваат низа манифестации со коишто се одбележува овој значаен јубилеј.
Така во понеделникот во просториите на ФЕИТ беа доделени дипломи на студентите кои дипломирале во периодот меѓу 1964-1969 година. Факултетот за електротехника и информациски технологии додели 60-тина Златни дипломи на првите студенти кои дипломирале пред 50-тина години на тогашниот Технички факултет, отсек електро.
Професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, потсети дека на 19 јуни 1959 година, пред точно 60 години, е донесен Законот за основање електро-машински и технолошки оддел на Техничкиот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје. Со ова почнуваат студиите по електротехника, односно негувањето и развојот на електротехнички науки.
“Ова е генерацијата – темел на она што денес претставува Факултетот за електротехника и информациски технологии... Како Факултет не смееме и не сакаме да го заборавиме она што го направиле нашите претходници. Затоа одлучивме да го крунисаме и признаеме тоа со доделување Златна диплома на сите студенти кои дипломирале пред повеќе од 5 децении“, порача Ташковски.
Тој додаде дека “врз основа на воспоставените пракси на нашите претходници кои го градеа Факултетот во изминатите 50 години, пред 5 години го воведовме ISO 9001 стандардот во нашата работа. Многу сме горди што може да кажеме дека сме единствениот факултет со стандард ISO 9001-2008 во сите области на делување – наука, соработка со стопанството, настава и администрација“.
Професор д-р Софија Богданова, во име на сите студенти ги поздрави добитниците “во наше време се студираше долго, занаетот сериозно се печеше. Немаше високи просеци и доколку некој добиеше десетка, тогаш цело корзо само за тоа зборуваше. Немаше колоквиуми, Бољона, кредит трансфер систем, туку се полагаа сериозни испити. Најголем дел од нив беа двосеместрални. Ги читавме книгите верувајќи дека меѓу тие две корици го има сето знаење на светот. И денес кога седнавме во школските клупи се сетивме на деновите што ги минавме овде. Навираат спомените и се враќаме назад во дамнешните години кога бевме студенти. Имавме сон, имавме идеали и секој од нас го реализираше сонот бидејќи добивавме вработување веднаш по дипломирањето“.
Пред околу 50-тина години, на тогашниот електро-машински факултет, своето образование успешно го завршила првата генерација електроинженери. Во генерацијата 1959/60, на електромашинскиот оддел при Техничкиот факултет се запишани 128 студенти, од кои 48 на електротехничкиот оддел. Од нив, во 1963 апсолвираат 30 студенти.
По повод 60 годишниот јубилеј, изминатиот викенд во просториите на ФЕИТ, а со поддршка од Шаховската федерација на Република Македонија и Студентскиот парламент на ФЕИТ, беше одржан и Шаховски турнир. На турнирот учество земаа актуелни и поранешни студенти и вработени на ФЕИТ.
Под мотото “Создаваме иднина" синоќа во објектот на Македонска филхармонија се одржа Свечена академија со којашто се одбележа 60 годишното постоење на ФЕИТ, Машинскиот Факултет и Технолошко-металуршкиот факултет. Свеченоста ја водеше Сашко Коцев, а свои обраќања до присутните имаа деканите на сите три факултети – Димитар Ташковски, Јон Магдески и Дарко Данев, ректорот на УКИМ – Никола Јанкуловски и премиерот Зоран Заев.
Професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј“ Скопје, на свечената академија потенцираше дека не постои институција или организација каде што не влијаело знаењето од овие "храмови на умот“.
"Постојат многу факти кои ја потврдуваат оваа теза, но тоа го кажаа првите луѓе на Факултетите. Бројот на дипломирани, магистрирани и докторирани инженери говори за влогот на генерации професорски и асистентски кадар, кој со својот интелектуален капацитет создадоа „армија“ успешни професионалци. Факт е дека не постои општествена пора во која не придонел одреден инженер. Начинот на размислување и стилот на функционирање во светот на инженерите дава посебен и различен придонес во разнобојноста на општеството“, рече Јанкуловски.
ФЕИТ е "една од водечките институции во државата и во регионот“, меѓудругото, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски.
"Овој статус е резултат на ангажманот и вложениот труд и знаење на неколку генерации вработени. Затоа со гордост велиме дека кадарот на ФЕИТ е неговата најголема вредност. Професори, доценти, асистенти, административни службеници, деканатска управа: сакам, од сè срце, да им се заблагодарам што се вложувале, се вложуваат и ќе се вложуваат во креирање и во одржување на овој статус на најдобар факултет во земјава“, потврди Ташковски.
За деканот на Машински факултет, професор д-р Дарко Данев, "60 години, оваа наша куќа произведува знаење, произведува реалност, произведува место за подобар живот, произведува среќа, создава иднина за сите останати кои индиректно и несвесно учествуваат во нашиот свет користејќи ги придобивките од машинците, користејќи го тоа што ние го создаваме за општо добро...“.
За професор д-р Јон Магдески, декан на Технолошко-металуршкиот факултет, „Инженерството и технологијата претставуваат практична примена на науката и научните достигнувања за да се зголеми продуктивноста и да се произведат нови, подобри и поквалитетни производи.
"Кога некој би прашал: Како ќе изгледа светот на технологијата за 10 до 15 години отсега?, многу тешко би билo да се даде одговор. Иновациите во светот на технологијата се случуваат секојдневно. Старите модели на работење се напуштаат, а бизнис светот станува многу помобилен“, рече Магдески.
Манифестацијата започна со емитување на краток филм за развојот на сите три факултети, а на крај беше настапот на Емин Џијан со дел од оркестарот на Македонска филхармонија со преработки на неколку песни од Крафтверк.