Сончевите циклуси се периодична промена на Сончевата активност помеѓу максимална и минимална радијација, со периода од 11 години (види ја сликата во прилог). Циклусните промени меѓу максимумот и минимумот на Сончевата активност функционираат како прецизен механизам на часовник, па астрономите со години размислувале што ги побудува. Сега, на повидок е нов предлог за причината на Сончевите циклуси. Имено, во игра е вклучен просторниот распоред на планетите во Сончевиот систем, сметајќи дека нивната гравитација под одредени услови е способна да влијае врз магнетното поле на Сонцето, слично како што Месечината влијае врз Земјата предизвикувајќи ги циклусите од плима и осека на океаните. Но, да одиме со ред!
Со решавање на проблемот се зафатила една научна екипа од Центарот Хелмхолц во Дрезден-Розендорф, Германија. Тие ги анализирале соларните циклуси кои се појавувале уште од пред околу илјада години во минатото, а термините на нивната појава ги споредиле со распоредот на планетите во Сончевиот систем. Притоа, тимот открил интересна констатација, дека планетите Венера, Земјата и Јупитер периодично се “порамнуваат” во права линија, на секои 11,07 години, со точно временско совпаѓање со Сончевите циклуси. Но, остана прашањето, на кој начин ова периодично порамнување на наведените планети може да влијае врз Сончевата активност, кога се знае дека нивните гравитациски сили се минорни во однос на Сончевата гравитација, па како тие можат да влијаат врз Сончевата активност?
Графички приказ на Сончевите циклуси
Тимот, со компјутерска симулација, откри дека тоа порамнување на наведените планети има извесно влијание врз Сончевото магнетско поле, предизвикувајќи нарушување (пертурбација) во неговите осцилации. Тоа нарушување е наречено “Тајлерова нестабилност” (Tayler instabillity), а се појавува во магнетски полиња кога гравитациското дејство врз нив е под прав агол во однос на насоката на нивното ширење, а токму таков е случајот при “порамнување” на наведените планети.
Во врска со тоа, водачот на екипата, Френк Стефани изјави: “Компјутерската симулација покажа дека реално побудените осцилации добиваат синхронизација со тајмингот на надворешните вознемирувања (пертурбации). Па, ако таквата нестабилност се појавува циклусно, на секои 11 години, токму тоа може да е детонаторот на Сончевите циклуси”, тврди тој. Наодот е објавен во списанието Solar Physics.
Овој наод може да помогне во објасување и на некои други мистерии во врска со Сонцето, на пример појавата на двојни врвови (double peaks) кај некои од максимумите на Сончевите циклуси.