Веќе од порано се знае дека луѓето вообичаено имаат една од четирите крвни групи – А, Б, АБ или 0. Крвната група или тип ја дефинираат необичните молекули на шеќер коишто се наоѓаат на површината на црвените крвни клетки. Така, на пример, ако лицето со тип А добие крв од типот Б или обратно, разликата во овие молекули, наречени крвни антигени, може да предизвикаат реакција на имуниот систем со смртоносни последици. Но, крвните клетки од типот 0 немаат антигени, што овозможува трансфузија на крвта со оваа крвна група за секого. Оваа "универзална" крв е особено важна при итни случаи, каде сестрите и лекарите може и да немаат доволно време за одредување на крвната група на пациентот.
Обезбедувањето на универзална крв е дамнешен сон. Досега научниците се обиделе да трансформираат крв од втората најчеста крвна група, тип А, со отстранување на нејзините "А-дефинирани" антигени. Но, притоа нашиле на проблем, бидејќи познатите ензими што можат да ги отстранат карактеристичните антигени од црвената крвна клетка не биле доволно ефикасни за оваа намена.
По 4 години обиди за подобрување на ефикасноста на овие ензими, тимот предводен од Стивен Витерс, хемичар-биолог при Универзитетот на Британска Колумбија (УБК) во Ванкувер, Канада, се решил да побара поефикасен ензим кај една од цревните бактерии кај човекот. Некои од овие микроби се закачуваат за ѕидот на цревата, каде ги "јадат" шеќерно-протеинските комбинации, наречени муцини, што го обложуваат цревниот ѕид. Муцинските шеќери се слични со оние што го дефинираат типот на црвените крвни клетки.
Постдокторандот Питер Рахфелд, од УБК кој учествува во истражувањата, ја изолирал ДНК-та од примерок земен од измет, теоретски добивајќи материјал што вклучува гени коишто ги кодираат бактериските ензими што ги варат муцините. Со испресекување на оваа ДНК и вметнување на различни парчиња од неа во копии од најчесто користената лабораториска бактерија escherichia coli, било кој од добиените микроби потоа произведувал протеини способни да ги отстранат шеќерите што ја дефинираат крвната група А.
Во почетокот резултатите не ветувале ништо особено. Но, кога исттражувачите тестирале два од добиените ензими одеднаш, додавајќи ги на супстанции што ќе светат по отстранување на шеќерите, било забележано дека шеќерите биле отстранети. Ензимите функционирале подеднакво добро и при нивно вметнување во крвта. Како што е наведено во трудот објавен минатата недела во Nature Microbiology, ензимите се изолирани од цревната бактерија Flavonifractor plautii. Мали количини од овие ензими биле додадени на крвна единица од типот А, при што тие ги “уништиле” шеќерните “маркери”.
Но, сè уште претстојат обемни испитувања и тестирања до добивањето на резултат со целосно отстранети антигени од типот А. Исто така, потребни се и дополниелни истражувања за да се процени дали употребените микробиолошки ензими можеби направиле и некоја друга случајна промена кај црвените крвни клетки којашто подоцна би можела да предузвика проблеми. Засега, истражувачите се фокусирани само на конвертирање крв од типот А, бидејќи таа се среќава многу почесто од крвта од типот Б или АБ.
Можноста за претворање на крвта од тип А во тип О ќе го подобри снабдувањето со достапна крв, решавејќи многу проблеми при итните хируршки интервенции.