По критиките од почетокот на овој век за првите вселенски туристи коишто на МВС ги донесе Роскосмос како дел од кампањата за прибирање на средства за нивно нормално функционирање, сега, речиси 20-тина години подоцна, од НАСА на вселенскиот туризам гледаат со други очи.
Како што беше објавено на нивниот твитер-профил, почнувајќи од 2020 година НАСА ќе им овозможи на сите заинтересирани американци да ја посетат Меѓународната вселенска станица (МВС) за “скромни” 35000 американски долари од вечер. Од НАСА планираат по две куси посети од двајца приватни астронаути на МВС во годината. Нивниот престој на МВС би бил ограничен на најмногу 30 дена.
Но, пред да почнете да штедите за оваа, горе-долу, достапна сума, имајте на ум дека секој од посетителите ќе треба сам да си го плати патувањето до МВС коешто чини приближно 60 милиони американски долари од лет!
Организацијата на патот до МВС НАСА им го препушта на две приватни компании – SpaceX и Боинг, коишто ќе треба да се осигураат дека вселенските туристи се во добра здравствена состојба и дека ќе можат да ги поднесат оптоварувањата и стресот на патувањето до вселената и престојот во микрогравитациски услови.
Уште една работа што ќе треба да ја појаснат е и што точно ќе се смета за ноќевање. Терминот може да се интерпретира на два начини – според промената на ден и ноќ на Земјата (на 24 часа еднаш) или според промената на ден и ноќ на МВС (на секои 90 минути, колку што трае една орбита на МВС околу Земјата)
Инаку, отворањето на МВС кон приватни компании и астронаути од страна на НАСА доаѓа по најавата за целосна приватизација на операциите на вселенската станица, барем од американска страна. Како што неодамна беше најавено од администрацијата на Трамп, до 2025 година владата планира да ја прекине финансиската поддршка за овој меѓународен проект.
Можноста за туристички посети на МВС е извонредна прилика и за здружението Рамна Земја – можат да испратат свој член за да провери каква форма има Земјата и дали МВС навистина постои или е холограм на небото
.@Space_Station is open for commercial business! Watch @Astro_Christina talk about the steps we're taking to make our orbiting laboratory accessible to all Americans. pic.twitter.com/xLp2CpMC2x
— NASA (@NASA) June 7, 2019