Рубрика: Телекомуникации
ИЕЕЕ со забрана за научниците вработени во Хуавеи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.05.2019 - 10:30

По ставање на кинеската компанија Хуавеи на “катиљ-листата” на владата на САД и воведувањето на санкции кон неа, еден од големите издавачи на научни списанија, ИЕЕЕ, стави забрана за разгледување на поднесоците во неговите списанија за сите научници вработени во Хуавеи.

Одлуката е во најмала рака контроверзна, имајќи предвид дека повеќе кинески научници од оваа компанија се наоѓаат во уредничкиот одбор на повеќе списанија чијшто издавач е Институтот за инженери по електротехника и електроника (Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), со седиште во Њујорк. Но, како што велат од ИЕЕЕ, се работи за предострожност, како би се спречиле законско-правните последици по издавачот доколку тој и понатаму им овозможи непречено рецензирање на доставените технички трудови на научниците вработени во Хуавеи. Како што сопштија од ИЕЕЕ, научниците од Хуавеи и понатаму можат да останат во уредничките одбори но нема да имаат пристап до научните трудови, сè до евентуалното укинување на санкциите.

На 15 мај, Министерството за трговија на САД ја стави компанијата Huawei Technologies Co. Ltd. и нејзините филијали на листата на компании на кои им е потребна лиценца пред продадажбата или пренос на технологија со потекло од САД. Министерството може да одбие да издаде ваква лиценца доколку смета дека продажбата или трансферот ќе му наштети на националниот безбедносен интерес на САД. Официјалните претставници на САД наведоа дека кинеската влада би можела да ја злоупотреби опремата произведена од Хуавеи, којшто е глобален снабдувач на телекомуникациски уреди и опрема, за шпионирање на корисниците или, пак, за нарушување на критичната инфраструктура.

До укинувањето на санкциите, научниците од Хуавеи ќе можат непречено да присуствуваат на сите конференции во организација на IEEE, ќе можат да презентираат и поднесуваат нивни трудови во списанијата на IEEE и да учествуваат во работата на управните тела на кои им припаѓаат. Но истовремено ќе им биде оневозможен пристап до техничките информации коишто се дел од истражувачки трудови или поточно "нема да можат да примаат или да пристапуваат до материјали доставени од други лица пред тие да бидат прифатени за објава од страна на IEEЕ." По ова, научниците од Huawei "ќе можат да дејствуваат како уредници или рецензенти за тој материјал".

Забраната на IEEE предизвика гнев кај кинеските научници на социјалните медиуми, а некои од кинеските научници, како Хаисија (Алис) Жанг од Пекиншкиот универзитет, решија  да ги напуштат нивните места во уредувачките одбори.

Клучни зборови: