По срамежливите најави од крајот на минатата година, во коишто се наговестуваше можноста за промовирање на нова криптовалута од страна на Фејсбук (за што пишавме во Емитер 10-12/2018), конечно пристигна и потврда.
Следната година на пазарот на криптовалутите ќе влезе и Фејсбук. Компанијата планира да примени дигитален платежен систем во десетина земји во првиот квартал од 2020 година. Тест-периодот на новата криптовалута, којашто ќе биде именувана како GlobalCoin, би требало да почне веќе кон крајот на оваа година. Компанијата Фејсбук сака да создаде дигитална валута која на корисниците ќе им обезбеди достапен и сигурен начин на плаќање, независно од тоа дали тие поседуваат сметка во некоја банка.
Во текот на ова лето се очекува технолошкиот гигант да објави повеќе детали врзани за криптовалувата и нејзината примена. Во меѓувреме од BBC пренесуваат дека експертите од Фејсбук веќе разговарале со гувернерот на Централната банка на Англија, Марк Карни, како и со луѓето од Трезорот на САД. Исто така, Фејсбук е во преговори и со фирмите кои се бават со трансфер на пари, како што е Вестерн унион, на пример, со цел да им овозможи на луѓето кои немаат сметки во банка да можат да ја праќаат и да ја примаат новата валута. Како што известуваат од BBC, во Facebook се надеваат дека со уривање на финансиските пречки ќе ги променат веќе постоечките мрежи, натпреварувајќи се со банките и намалувајќи ги трошоците на корисниците.