Рубрика: Историја и археологија
Пронајдено сечило од жад од времето на Маите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.05.2019 - 16:15

Сечивото од жад...

Неодамна археолозите открија една мошне необична алатка. Се работи за сечило од полускапоцен камен, обликувано пред повеќе од 1000 години, коешто го користел некој од работниците Маи во древната солана наречена Ек Веј Нал (Ek Way Nal) во јужниот дел на Белизе.

Алатката е изработена од жадеит, полускапоцен камен што за време на класичниот период на цивилизацијата на Маите, од 300 до 900 година од н.е., главно бил употребуван при изработката на плочки и на накит за потребите на елитата. Сечивото своевремено било прикачено за рачка изработена од ружино дрво. Обата дела од алатката, се пронајдени одделно, од страна на тимот предводен од антропологот Хедер Мекилоп (Heather McKillop) од Државниот универзитет во Луизијана, САД.

Денес, Ек Веј Нал е морска лагуна чиишто рабови се обраснати од мангрова шума. Според Мекилоп употребата на ваков скапоцен минерал за изработка на сечилото, покажува дека работниците во соланите во времето на Маите уживале висок углед.

Како што вели таа “Работниците во соланите биле успешни претприемачи кои можеле да си обезбедат висококвалитетни алатки за своето производство и за диструбуцијата на една основна биолошка нужност – солта.” Солта, освен што се користи директно како една од основните намирници во исхраната, се користела и како конзерванс за риба и месо.

Откритието и заклучоците што произлегуваат од него се објавени во журналот Antiquity.

Клучни зборови:
Сечивото од жад...

Сечивото од жад...

... и неговата дрвена дршка

... и неговата дрвена дршка

Локалитетот каде е пронајден артефактот

Локалитетот каде што е пронајден артефактот