Рубрика: Астрономија и астронаутика
Чуден астероид помина крај Земјата
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 27.05.2019 - 10:30

Викендов, поточно на 25 мај, покрај нашата планета Земја помина еден (ако така воопшто може да кажеме) невообичаен астероид. Имено, се работеше за т.н. бинарен астероид, којшто всушност претставува систем од два астероида. Притоа помалиот од нив орбитира околу поголемиот, како небаре да е негова месечина!

Овој бинар им е познат на астрономите од порано како посетител на нашиот простор. Откриен е во 1999 година при неговото приближување кон Земјата, па оттаму ја добил ознаката 1999 KW4. Подоцна, во мај 2001 година, тој повторно имаше блиска средба со Земјата при која, исто како и сега, научниците ги насочиле сите нивни справи, телескопи и радарски инструменти кон него. Така бил откриен неговиот бинарен состав, имено дека тој се состои од еден поголем, примарен астероид, именуван Alpha KW4, и еден помал, секундарен астероид, именуван Beta KW4 којшто е приближно 4 пати помал од примарниот (види ја сликата во прилог).

Откриени се и другите поважни перформанси на бинарот. Поголемиот астероид, Alpha KW4, има приближно топчест облик – во форма на орев,а неговиот пречник изнесува околу 1,5 km. Помалиот астероид, Beta KW4, има издолжена форма, а подолгата негова димензија изнесува 0,57 km. Тој орбитира околу поголемиот астероид на растојание од околу 2,5 km, со периода од 17 часа, при што подолгата оска секогаш му е насочена кон центарот на орбитата т.е. кон поголемото тело.

Нормално дека овој бинарен астероиден систем предизвика особен интерес кај научниците. Имено, за нив е интересно прашањето дали помалиот астероид е одамна отцепен дел од поголемиот, или пак, бил посебен астероид кој останал “заробен” од гравитацијата на поголемиот астероид.

Бинарот се движи низ просторот со брзина 77 000 km/h, па доколку неговата орбита би претставувала закана за Земјата, ние би имале сериозни безбедносни проблеми. Но, за среќа, тоа не е случај. Тој помина покрај Земјата на безбедна далечина од 5 182 015 km, што е околу 14 пати поголемо растојание отколку  растојанието помеѓу Земјата и Месечината. Меѓутоа, ова не беше случај при неговото претходно поминување покрај Земјата во 2001 година. Имено, тогаш бинарот поминал на нешто поблиско растојание од Земјата, на оддалеченост 4 383 798 km. Сепак, и ова растојание е 11,8 пати поголемо растојание во однос на растојанието помеѓу Земјата и Месечината. Но, според калкулациите на научниците, при негово наредното поминување крај Земјата, кое ќе се случи во 2036 година бинарот ќе помине уште поблиску до Земјата, на оддалеченост од “само” 2 323 106 km, односно на “само” 6,4 пати поголемо растојание од она помеѓу Земјата и Месечината. Но, нема простор за паника. Како што тврдат научниците и ова е доволно безбедно растојание.

За крај, сегашното поминување на бинарот крај Земјата можеше да се проследи во текот на неколку дена од Северната хемисфера, со набљудување на ноќното небо во правец на соѕвездието Хидра (Hydra), за што  беше доволен и мал аматерски телескоп.

Клучни зборови: