Рубрика: Физика
Забавена снимка на светлински пулс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.05.2019 - 13:30

Еден нов вид на видеосистем може да снима со брзина од четири слики во секоја пикосекунда.  Па така, ако снимката во прилог беше прикажана во реално време, таа ќе траеше едвај 33 билионити дел од секундата.

И покрај тоа што снимката наликува на исечок од видеоприказ за легендарната игра Понг (за која тука објавивме и проект за самоградба), ве уверуваме дека нејзината содржина е сосема поинаква. Имено, гиф-снимката во прилог всушност ја ‘фаќа’ и прикажува патеката на еден светлински пулс (црвената точка) низ цврсто проѕирно тело. Притоа, испрекинатата линија ја означува границата на медиумот – цврстото тело, зад којашто светлинскиот пулс невидливо продолжува да се движи низ воздухот сè дури не удри во огледалото, означено со жолта полна линија, по што се одбива и упатува назад.

Снимката, долга 33 пикосекунди, го демонстрира новиот начин на високо-брзинско снимање и пристап за складирање на снимки којшто може да “фати” речиси четири билиони (1012) слики во секунда. Се работи за брзина којашто е доволно голема за да ја може да се сними и интеракцијата помеѓу молекулите.

Новиот систем, дело на истражувачите предводени од специјалистот за фотоника Фенг Чен од универзитетот Жан Џиаотонг во Кина, претставува огромно подобрување и е далеку помоќен од досега најбрзиот систем за снимање со голема брзина којшто имаше можност за снимање на ‘едвај’ еден билион слики во секунда.

Трудот беше објавен минатата недела во научниот журнал Physical Review Letters.

Клучни зборови: